Утрински Весник
Македонија

Судењето за случајот „Жан Митрев” продолжи со изведување докази

20251117123825 big 730x400 66.webp.webp

Со изведување на материјални докази, предложен од Обвинителството денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот „Жан Митрев”.

Обвинителството, пред Судот изведе податоци за обвинетото правно лице ПЗУ Клиничка болница „Жан Митрев“ за перидот 2018 до 2021 година, како и известувања од веб страници на владини тела, институции и медиуми, за владини мерки носени во време на Ковид-19 и информации за хемофилтрацијата.


Според јавната обвинителка, Искра Хаџи Василева, од изведените докази се гледа дека единствен сопственик и управител е првообвинетиот Жан Митрев, нагласувајќи дека Клиниката во 2018 година остварила нето добивка од 95 милиони денари, 249 милиони денари во 2019, 499 милиони денари во 2020 и 567 милиони денари во 2021 година.

Пред Судот беа изведени и извадоци од известувања од институции и објави од медиуми, меѓу кои и за одлука на Влада дека во лекувањето се вклучени и приватните болници и оти цените ќе ги регулира држвата, како и објави од Клиниката Жан Митрев за пакети за лекување со намалени цени на Ковид-19.

Судијката Лидија Петровска, информираше дека Судот останува на одлуката од 2024 година, за предложениот доказ од ЈО – Извештај од извршен надзор над стручната работа на Клиниката „Жан Митрев“ за лекување со примена на хемотерапија, да одлучува по изведување на доказите од листата на докази.

-Во однос на предлогот доставен пред започнување на судската расправа Судот останува на одлуката од 2024 дека по овој доказ Судот ќе одлучи по изведување на сите докази од листата на докази предложени од ЈО, изјави судијката.

Одбраната реагираше дека доказот не е предложен во листата на докази и не може да се изведе, дополнително оценувајќи го како неважен доказ.

– Нагласуваме дека ЈО нема право да ја дополнува листата на докази. Нагласуваме дека судот уште по одобрување на обвинението и доставување на докази, го прими овој доказ и нагласи дека по него Судот ќе одлучи дали тој ќе се одобри во соодветна фаза, а тоа е во дополнение на доказна постапка, а која настапува по завршувањето на доказна постапка. Ова е само уште една потврда на тезата на одбраната дека Обвинителството се обидува со импровизација, изјави бранителот од одбраната, адвокат Никола Додевски нагласувајќи дека се работи за неважен доказ, неповрзан со предметот и дека судот треба да го одбие.

Јавната обвинителка Хаџи Василева, реагираше дека не може да станува збор за дополнение на докази.

-Не можам да помислам дека одбраната не знае кога и како се предвидени одредбите за преклузија на доставување на докази. Ова е доказ кој не е доставен како дополнение, туку веднаш штом е доставен до ЈО е доставен до Судот, во момент кога постапката се уште не е почната. Неспорно е праксата на овој суд за можноста за доставување на докази пред почетокот на судењето. Доказот е доставен и до одбраната, а не го примила и вратила по сопствена желба, како да е тоа можност, а уште повеќе се впуштила во толкување на доказот за негово одбивање како неважен доказ. Дали некој доказ е неважен, цени Судот. Кога не е таква ситуација, затоа Обвинителството бара да го изведе овој доказ и Судот ќе ја цени релевантноста и наодите од него, изјави јавната обвинителка Хаџи Василева.

Адвокат Лејла Хаџију, правен застапник на оштетен во постапката, предложи овој доказ на Обвинителството, што е веќе предложен, а е многу важен за оштетените, да се изведе.

– Фактот е дека откако започнала оваа постапка пред судот, одбраната ја одолговлекува постапката и ако вака продолжиме ќе има пресуда во 2050 година. Предлагаме да се изведе овој доказ што е многу важен за мојот клиент, изјави Хаџију.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.

Судењето продолжува на 21 ноември со сослушување на сведоци.

Судскиот процес пред Основниот кривичен суд во Скопје започна во февруари 2023 година, но поради истекот од 90 дена од последното одржано рочиште во ноември беше вратен од почеток.

Можете да прочитате

Именувана нова директорка на Платежната агенција на местото на Стоилев

Сиљановска-Давкова: Ние да им се посветиме на реформите, а ЕУ да покаже јасна стратегија за македонското членство

Николоски од Виенскиот економски форум: Македонија ги започнува стратешките проекти на транспортните Коридори 8 и 10