
На седницата на Советот на Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВРЕДИ, ДУИ, ЗНАМ и советничката од „Независни заедно” гласаа „ЗА” крајно нетранспарентниот, нефункционалниот и во одредени сегменти опасниот Ребаланс на Буџетот на Град Скопје за 2025 година. Советничката група на Левица не го гласаше предложениот ребаланс на буџетот на Град Скопје, од повеќе формални и суштински причини.
Првенствено, Ребалансот на Буџетот не беше претставен на советниците во законските рокови, односно беа пречекорени сите можни одредби и рокови. Буџетот беше даден без предлог-програми како појаснување на буџетските планирања и расходи, а програмите беа доставени на самата седница со дадена пауза од 40ина минути за разгледување. Дополнително, иако веднаш по доставувањето на Предлог-Ребалансот беше побарано од страна на советничката група на Левица, истиот да се појасни со наведување на потставки (како што по правило треба да изгледа еден вака значаен документ и како би знаеле точно во кои сегменти се планирани расходите) – барањето беше целосно изигнорирано до самото усвојување на Ребалансот.
Ако тргнеме да го анализираме самиот буџет, кој, секако, ВМРО-ДПМНЕ пред јавноста го презентира како буџет за спас – ќе дојдеме до заклучок дека истиот претставува само административен фластер, нефункционален, кусоглед, без стратегија и визија.
Веднаш паѓаат во очи ставки каде што се овозможуваат манипулации за партиски вработувања, иако градоначалникот се пофали дека отпуштил 371 неработник. Со ваквиот Ребаланс се испоставува дека тој всушност направил простор за своја лојална партиска војска. Исто така, има зголемени ставки од 20 милиони за договорни услуги и 15 милиони (зголемени од 0) за нови привремени вработувања.
Најголем буџетски „спас”, каде Ребалансот наводно се “рационализира”, всушност претставува спас од централна власт, во вид на дотации за набавка на автобуси. Тоа е модус операнди на ВМРО-ДПМНЕ кога има свој градоначалник на Скопје и извршна власт истовремено. Се кратат 930 милиони денари, кои сепак одат на товар на даноците на сите граѓани на Република Македонија.
Буџетски кратења има и во урбанистичкото планирање, каде се предвидува пет пати помал буџет, односно 30 милиони неискористени средства за Генералниот урбанистички план, кој најверојатно нема да го видиме во следниве две години.
Како и по обичај, се предвидуваат субвенции за јавните претпријатија, каде токму партиските војници од досегашните две најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а и поранешниот коалиционен партнер на двете, ДУИ, направија фантастични задолжувања во вредност од 2,9 милијарди денари утужени побарувања. Со неработење, истите се прикажуваат како неликвидни, за спасот да се побара со нивно продавање и нови „бонбона” бизниси.
Буџетски кратења има и кај противпожарната заштита, од 29 милиони. Европските стандарди налагаат еден професионален пожарникар на 1.000 жители, а во густо населени места и на 800. Скопје со 280 пожарникари на град од 600.000 жители е на помалку од половина од потребниот број, а и тие оскудеваат со опрема и возила. Ако ништо друго, во краткиот рок додека овој Ребаланс е на сила, можеше да се направи ревалуација на кадарот, опремата, ризичните зони, хидрантските мрежи, или барем да се покачат платите. Но владејачкото мнозинство смета дека хероите на градот се веќе доволно платени.
Самите предлог-програми, кои се направени само да го поддржат безидејниот Ребаланс, се штури и недоволно објаснети, без јасна методологија, незапазени стандарди итн. Намерно или не, оставени се низа недоследности и фусноти што кријат финансиски замки.
Предлог Планот за изменување и дополнување на планот на програмите за развој за периодот 2025 до 2027 година е чисто формален и не содржи суштинска анализа или оправдување за прераспределбите по потпрограми. Во ниту една потпрограма нема детална образложеност зошто токму тие износи се менуваат, што е спроведено досега, ниту кои активности не се реализирани и поради што.
Поголем дел од ставките се само префрлање средства од една година во друга, без оценка дали проектите доцнат, дали има промени во динамиката или дали воопшто се почнати.
Понатаму, кај дел од потпрограмите износите се драстично зголемени, како зеленило од 231 на 361 милион денари, јавна инфраструктура 817 милиони, спорт и рекреација 1,5 милиони, без стратегија, индикатори или спецификација на конкретни проекти. Недостасува дури и минимум техничка анализа колку чини секоја ставка, дали постои проектна документација и дали има реални капацитети за реализација во истата буџетска година. Одделни потпрограми изгледаат како да се впишани само да се оправда ребалансот, а не заради вистинска развојна потреба.
Најголем проблем е што во документот нема приоритети, не е јасно дали акцентот е инфраструктура, зеленило, сервисни објекти, енергетска ефикасност или водоснабдување, нема критериуми, нема објективна проценка на влијанието врз животната средина, нема врзување со ГУП, ДУП и со реалните потреби на градот. На ваков начин Планот за развој станува само табела со бројки, без стратегиска насока, што го прави неприфатлив од аспект на транспарентност, отчетност и рационално трошење на средствата на граѓаните.
Предлог Одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Бутел за партерно и хортикултурно уредување и озеленување на паркова површина покрај Булевар Христијан Тодоровски Карпош предвидува Град Скопје да ја финансира поголемата тежина од проектот, 18 милиони денари, додека Општина Бутел учествува само со административно „решавање имотно правни односи”. Не постои детална финансиска конструкција или проектна документација приложена кон одлуката. Нема пресметка на реалните количини, цени, ставки, ниту е јасно како е добиена сумата од 18 милиони денари. Не е наведено дали проектот е веќе изработен, дали има ревизија, ниту дали има прибавено согласности од ЈП Улици и Патишта, ЈП Паркови и Зеленило и други релевантни субјекти. Во ваков формат, одлуката бара од Советот да гласа на слепо, без материјален доказ за оправданост и изводливост.
Постојат и сериозни нејаснотии околу опфатот, се наведуваат 8 044 м², но само 6 044 м² се зеленило, а останатото се пешачки патеки и плоштад. Не е дадено графичко решение, ниту урбанистичка поставеност. Образложението користи општи формулации како „значајни интереси на граѓаните”, без конкретни докази или потреби утврдени со јавна консултација. Недостатокот на јавно презентиран идеен проект го прави документот нетранспарентен и ризичен за злоупотреби, особено при јавни набавки.
Конечно, одлуката не дефинира механизми за контрола, надзор, отчетност или рокови. Дури и средствата од 7 милиони денари за осветлување не се опишани технички. Со ваков степен на нејасност и непрецизност, предлог-одлуката не обезбедува правна и финансиска сигурност и е потребно да се доработи со прецизна документација, план и пресметки, со реално учество на општината и јасна проектна цел, а не само да биде тема за пиар.
За одржување на магистрални и собирни улици на подрачјето на Град Скопје во зимски услови за 2025 и 2026 година се крие ставка каде се користи измислен параметар „4,8 ефективни часа”, кој го нема во ниту еден технички стандард за механизација во мирување и готовност, и предвидува плаќање и кога нема снег, што значи дека буџетот може да се троши и за неактивност, и тоа 40 милиони денари. Механизацијата е драматично недоволна, како и количината на предвидена сол, која нема да стигне ни до пола зима. Предвидениот ангажман на приватни фирми е опишан без имиња, без цени и без обврски. Не се нуди оперативна програма, туку декларативен текст кој не гарантира безбедност за граѓаните.
Предлог-измената е формална и недоволно разработена, со едноставно додавање на точка „Подготовка на план за квалитет на воздух” и зголемување на средствата од 16,3 на 20,8 милиони денари, без ниту една конкретна мерка, рок, методологија или проценка на трошоци.
Планот за воздух е законска обврска со години наназад, не нова стратегија, а во документот нема ниту анализа на досегашната реализација на програмата, ниту објаснување колку чинат активностите, кој ги спроведува и што се очекува како резултат.
Понатаму, во измената недостасуваат суштински мерки за намалување на емисиите од сообраќај, греење и индустрија, нема план за подобрување на мониторингот, ниту мерки за заштита на чувствителните групи. Образложението во суштина само ги повторува законските одредби, без конкретни чекори, индикатори или системски интервенции, па програмата останува декларативна и неоперативна.
Предлог измената за јавна чистота исто така е премногу формална и не обезбедува јасна слика за тоа што точно ќе се промени во системот на јавна чистота. Недостигаат конкретни мерки, индикатори и рокови, а нема ниту анализа на досегашната реализација, што е спроведено, што не е и зошто. Внесувањето нова активност без јасна операционализација создава ризик средствата да останат само бројка на хартија, без реално подобрување на хигиената, чистењето или управувањето со отпадот.
Исто така, не е наведено како измената ќе се одрази врз квалитетот на услугите, колку и каде ќе се подобри фреквенцијата на чистење, дали ќе има дополнителни возила, механизација, работници, ниту кои делови на градот се приоритет според објективни анализи. Недостасува и врска со тековните проблеми, нерегуларно чистење, недоволна инфраструктура за отпад, непланско собирање кабаст отпад и слаб мониторинг.
Предлог-одлуката за комунален ред е премногу тесно насочена и не ја решава реалната проблематика поврзана со одлагањето отпад во Скопје. Наместо системско решение, се предлага само ограничување на времето од 6 до 22 часот, без да се утврди каде се одлага отпадот, како се контролира, ниту каква е улогата на ЈП Комунална хигиена во периодите надвор од работното време. Нема ниту минимална анализа на актуелниот проблем, преполни контејнери, нерегуларни маршрути, недостиг на кантопечки, бесправни депонии, па измената изгледа како префрлање вина врз граѓаните наместо преземање институционална одговорност.
Дополнително, измената воведува казни преку инспекторатот, но без дефинирање на критериуми за контрола, јасни инструкции за постапување, ниту механизми за превенција. Наместо да се уреди начинот на поставување, празнење и одржување на контејнерите, се казнуваат граѓаните за неприлагоден систем. Ова отвора простор за селективно спроведување и несразмерно казнување, што е проблематично од аспект на правната сигурност.
Најголема слабост е што измената не ги адресира клучните предизвици, недостиг на инфраструктура за селекција, непостојана динамика на чистење, диви депонии и слаб систем на јавна хигиена. Без паралелни мерки, инвестиции во опрема, нови контејнери, појасна динамика, дигитално следење, одлуката останува декларативна и еднострана. Левица бара целосна ревизија на комуналниот систем, а не казнена политика без реални услови за почитување.
Битно, ќе се казнуваат граѓаните кои ќе бидат затекнати покрај контејнерите и ќе се расправаат со комуналните инспектори дали или не фрлаат отпад во предвидениот полициски час.
Предлог Програмата за изменување на Програмата за финансирање на јавните установи и активностите од областа на културата од интерес на Град Скопје за 2025 година внесува единствено прераспределба на средства во делот финансирање, без да понуди образложение за причините за намалувањата и зголемувањата по ставки. Нема објаснување кои установи добиваат помалку пари, кои добиваат повеќе, кои активности се кратат или дополнуваат, ниту се приложени критериуми според кои се правени измените. Советот гласа на слепо, без податоци за влијанието врз програмите, фестивалите, проектите, институциите или работните процеси.
Недостасуваат информации за реализацијата на Програмата досега, процент на искористени средства, кои проекти се спроведени, кои не се реализирани и зошто. Без анализа на реализацијата, измената делува како техничко прекројување на цифри, без културна стратегија и без јасна насока за развој на културниот сектор.
Образложението е премногу општо и повторува законски формулации наместо да даде реални причини за интервенцијата. Нема ниту еден конкретен податок за уметнички програми, културни настани или институции. Ваквата нетранспарентност остава простор за селективно финансирање и политичко влијание врз културните установи, што е спротивно на принципите на автономија и јавен интерес. Левица бара детална и образложена финансиска рамка, јавно достапни критериуми и целосна транспарентност пред Советот да одлучува за вакви измени.
Предлог-Програмата за изменување на Програмата за активностите во областа на социјална, детска и здравствена заштита во Град Скопје за 2025 година се сведува на голи прераспределби на средства без минимално образложение за влијанието врз корисниците, програмите и ранливите групи. Не е објаснето зошто се кратат или преместуваат средства (на пример, намалувањето на ставката од 800.000 на 280.000 денари и зголемувањето на друга на 1.020.000 денари) ниту какви активности се укинуваат или кои нови се финансираат. Програмата за социјална и здравствена заштита работи со најранливи категории, а ваквите механички измени без содржина отвораат простор за штетни последици за граѓаните.
Во образложението се наведува дека одредени активности „не се реализирале”, зимски превоз и помош, но не се дава објаснување зошто, дали проблем е организациски, финансиски или управувачки, ниту дали активностите се важни за граѓаните и дали треба да се подобрат наместо да се укинат. Не постои анализа на потребите, колку лица остануваат неопслужени, какво е влијанието врз социјалните групи, што губи градот со овие кратења. Ова ја прави измената нетранспарентна и непрофесионална.
Покрај тоа, измената не содржи индикатори, целни категории, ниту било каков план за подобрување на услугите. Во сегмент како социјалната заштита Советот мора да има пред себе конкретна програма, а не само аритметички корекции. Левица бара детална анализа, јавна транспарентност, јасно оправдување за секое кратење и план како средствата ќе се искористат за вистински социјален ефект.
Предлог-Програмата за изменување на Програмата за планирање и уредување на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје за 2025 година претставува крупна прераспределба на средства, но без ниту едно образложение за критериумите, приоритетите или очекуваните ефекти. Најголем дел од корекциите се сведуваат на префрлање пари од една ставка во друга, без анализа на реализацијата досега, кои инфраструктурни проекти се завршени, кои доцнат, кои се нереализирани и зошто. Советот гласа само според бројки, без материјална основа, проектна документација, динамички план или ревизија, што е спротивно на принципите на транспарентност и одговорно буџетирање.
Дополнително, сериозен проблем е тоа што под голем број ставки, ЈДА 482, ЈГА 482, ЈАА 482, Ф1 421, Ф1 484, стојат огромни износи за улици, патишта, водовод, мостови, осветлување и урбанистичко планирање, но без детална спецификација. Во дел од случаите се наведени само улици и булевари, без графички приказ, без проектни параметри, без количински пресметки и без информација за вредноста по единица мерка. Недостасува објаснување како одредени износи од 720 милиони, 294 милиони или 425 милиони се пресметани и по кој стандард. Ова оставa простор за злоупотреби во јавните набавки и нереално планирање.
Особено е проблематично намалувањето на средствата за урбанистичко планирање од 35 милиони на само 7 милиони денари. Тоа значи дека Градот практично го запира процесот на носење на ГУП и повторно преминува на ад хок инфраструктурни интервенции без урбанистички основ. Истовремено, се зголемуваат средства за капитални трошоци кои немаат јасна корелација со Генералниот урбанистички план и стратешките документи. Ваквата диспропорција покажува дека нема системски пристап, туку само краткорочен и хаотичен трансфер на средства.
Конечно, иако Програмата содржи огромен список на инфраструктурни проекти, над 40, во образложението не е дадено ниту едно објаснување поединечно, кои се приоритетни, кои се одложени, кои се неизводливи, дали постои проектна документација или правни пречки, ниту какво е влијанието врз животната средина.
Овој начин на буџетирање создава нетранспарентност и ја ограничува можноста на Советот да донесува информирани одлуки. Левица бара детална ревизија на секој проект, со јасни пресметки, процени и приоритети, пред донесување било какви измени на програмата.
Кога нештата стојат вака, зошто воопшто би се гласал ваков Ребаланс на Буџетот? Левица не дава легитимитет на буџет што отвора врата за нови партиски вработувања, долгови и импровизации, а ги остава Скопје и неговите граѓани без визија, план и заштита.


