Утрински Весник
Скопје

Советот го изгласа ребалансот на буџетот: Скопје добива нови булевари, паркови и повисоки капитални инвестиции

582219286 1377231464030139 9132143096689073993 n.jpg

Со еден глас против и еден воздржан, Советот на Град Скопје денеска го усвои ребалансот на градскиот буџет, кој, според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, претставува „ребаланс за закрепнување“ и нов почеток за градот и јавните претпријатија.

„Обезбедуваме средства за плати, кратиме непродуктивни трошоци и го отвораме патот за реални проекти,“ порача градоначалникот, заблагодарувајќи им се на советниците за поддршката и конструктивниот пристап.


Ребалансот носи значителни промени: буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции се зголемуваат за речиси 98,9 милиони денари. Ѓорѓиевски нагласи дека ова е јасна порака дека нема да има нови нерационални задолжувања, туку насока кон „нови решенија и нови проекти“.

Во делот на јавниот превоз, градоначалникот најави дека приватните превозници се враќаат на линиите, додека Градот и Министерството за транспорт работат на повторно пуштање во погон на Градскиот воз. Во тек е процедурата на Владата за набавка на 80 нови автобуси, а Градот го отвора и процесот за разгледување на БРТ-системот.

Сериозни инвестиции се најавуваат и во образованието: до крајот на годината училиштата ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, смарт табли, информатички кабинети и лаптопи за секој првенец на генерација. Ќе се реши и хроничниот недостаток од столчиња и училишни клупи.

Ребалансот го отвора патот и за повеќе зелени проекти, меѓу кои паркот „Христијан Тодоровски – Карпош“, паркот „Лепенец“ и изградбата на 50 нови помали паркови низ градот.

Во делот на инфраструктурата, стартуваат проектите што со години се во застој: реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“, изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, трета лента на булевар „Александар Македонски“, првата фаза од булевар „Хрватска“, булевар „АСНОМ“ и клучката кај „Момин Поток“. Средства се обезбедуваат и за изработка на проектни решенија за повеќе улици и за надомест на експропријација, со што се отвора можност за реализација на крупни булеварски проекти, меѓу кои и булеварот „Борис Трајковски“.

„Времето на стагнација заврши. Скопје повторно оди напред,“ изјави Ѓорѓиевски. „Знам колку длабоко градот е во финансиски амбис, но нема да отстапиме. Ова е само првиот чекор – продолжуваме уште посилно.“

Можете да прочитате

Автобус симнал патници среде улица затоа што снемало гориво

Институциите молчат за закланите коњи во ЗОО Скопје, порачаа од Анима Мунди

Евакуираните македонски државјани од ОАЕ стигнаа во Скопје