
Оваа сабота, на 15 ноември 2025 година, со почеток во 12:05 часот, ќе се одржи 30-тиот протестен марш под мотото „Марш за ангелите“. Настанот ќе започне од плоштадот „Македонија“ и ќе продолжи кон Собранието на Република Северна Македонија и Основниот кривичен суд, соопштија организаторите од иницијативата „Кој е следен?“ заедно со „Здружение на граѓани 16ти Март 2025“ од Кочани.
„Свесни сме дека патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но ако ја пронајдеме заедничката точка на сплотување и ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот“, велат организаторите во своето соопштение.
Маршот предвидува неколку говори и обраќања пред Собранието и Кривичниот суд, додека на самиот почеток на плоштадот „Македонија“ ќе бидат дадени две централни изјави од организаторите.
Од иницијативата упатија повик за масовно присуство, нагласувајќи дека единството и јавниот притисок се клучни за исполнување на целите на протестите.


