
Денес, Град Скопје одбележува 81 година од ослободувањето од фашистичката власт во текот на Втората светска војна.
Делегации составени од претставници на институции и организации ќе изразат пиетет и ќе положат венци на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани, како и на споменикот „Ослободители на Скопје” на платото пред зградата на Владата.
Традиционално, на овој ден, Градот Скопје ја врачува наградата „13 Ноември“ на личности и установи кои со својата работа дале придонес за прогресот и промоцијата на метрополата.
На 13 ноември пред 81 година, војниците од 42-та и 50-та дивизија на Народноослободителната македонска војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.
После неколкудневни жестоки судири со единиците на 22-та гренадирска германска дивизија, сочинета од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше стационирана пред Качаничката клисура, војниците со триумфален марш влегоа во градот.
Во битките за слобода на Скопје животот го загубиле 420 македонски борци, а вкупно за време на Втората светска војна, животот го положиле повеќе од 4,600 скопјани.
Македонија во текот на Втората светска војна беше дел од антифашистичката коалиција.
Во битките против фашистичките освојувачи, според пресметките на историчарите, во Македонија загинале 33,000 луѓе, меѓу кои и над 7,000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрациониот логор Треблинка.


