
По официјализирањето на изборните резултати и постигнатиот успех на изборите, коалицијата ВРЕДИ започнува поактивна улога во дефинирањето на идната владина структура. Според информации на 4NEWS.mk, за утре е закажана клучна средба меѓу раководството на ВРЕДИ и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, на која ќе се разговара за распределбата на ресорите во новата Влада.
Извори од коалицијата за 4NEWS.mk брифираат дека ВРЕДИ ќе настојува да ја зајакне својата позиција во однос на првичните договори или понуди. Тие сметаат дека изборниот резултат им дава легитимитет за позначајно учество во извршната власт, па така на средбата ќе побараат поголем број министерски позиции, како и засилено присуство во второ- и третостепените државни институции.
Според истите извори, целта не е само зголемување на бројот на функции, туку и обезбедување на клучни сектори преку кои ВРЕДИ ќе може директно да ги спроведува своите програмски определби и ветувања дадени пред граѓаните.
Утрешната средба се оценува како прв сериозен тест за кохезијата на идната владина коалиција. Ќе биде клучно да се види дали премиерот Мицкоски ќе биде подготвен да излезе во пресрет на барањата на партнерите со цел брзо и стабилно формирање на новата Влада, или пак ќе следуваат подолги и потешки преговори за секое министерско и директорско место.
Политичките аналитичари предупредуваат дека начинот на кој ќе се разреши оваа прва фаза од преговорите ќе биде индикатор за идната стабилност и функционалност на новата владина коалиција.


