Утрински Весник
Економија

ЕУ вложува, институциите анализираат, а работниците на терен ни умираат!

Whatsapp image 2025 11 11 at 19.26.33.jpeg

Во првите девет месеци од годинава, во земјава шест лица го загубиле животот на работното место.

Ова се податоци што беа презентирани на почетокот на тригодишниот проект „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, поддржан од Европската Унија и Меѓународната организација на трудот (МОТ).


Директорот на Државниот инспекторат за труд, Гани Маскути, информира дека шест работници го загубиле животот на работното место до септември оваа година, што е намалување во однос на 13 жртви лани.

Претседателката на Советот за безбедност и здравје при работа, Јасмина Чалоска, предупреди на стагнација на многу процеси – законот за кој се работи повеќе од пет години сè уште не е донесен, стручен испит за кадри за безбедност при работа не е организиран четири до пет години, што создава дефицит на пазарот на труд.

Таа порача дека новата стратегија за безбедност и здравје при работа мора да се донесе час поскоро.

24инфо.мк побара мислење од стручната фела по однос на ова прашање.

За Борче Стојчевски, долгогодишен експерт во областа на Безбедноста при работа (БПР) долги години само се анализира, а на терен не се дејствува онака како што треба.

„Секоја поддршка од ЕУ е добредојдена. Несомнено е дека и после толку години не успеваме да воспоставиме функционален систем за безбедност и здравје при работа. Се надевам дека преку овој проект ќе успееме нешто да подобриме. Сепак, Гледајки ги активностите со кои почнува проектот постои едно „СЕПАК“. На почетокот проектот предвидува анализа на нашето законодавство и неговата усогласеност со европското. Колку што мене ми е познато, а во настаните со БЗР сум од 1998 година, многу пати е изоден овој пат на анализи за усогласување преку разно разни проекти. Значи оваа работа е завршена. Ако овде го додадам и Билатералниот скрининг за поглавје 19 каде припаѓа и БЗР, кој нашата држава го имаше со ЕУ во периодот 10-12.05.2023 година за каде се направени детални анализи за имплементација на секоја ЕУ директива и секој нејзин член во нашето законодавство, тогаш навистина не гледам какви дополнителни анализи ќе се прават. Се одговори на секое прашање за да на крај коментарот на Европската Комисија биде „во областа на БЗР е направена добра работа, поставена е рамката и да се продолжи со тоа темпо на работа“. За жал од тој период до денес не е испочитуван ниту еден рок.

Исто така на почетокот на проектот ќе се подготвуваат законски решенија. Па овие решенија веќе се подготвени. Веќе 10 години со исклучок на последните две се подготвуваат законски решенија. Надлежното министерство, тогаш Министерство за труд и социјална политика прво направи работна група па се отиде на консултанти, се консултираа сите чинители на БЗР организации на синдикати, на работодавачи, други министерства и институции, стручни здруженија, за да се добијат предлози за подобрување на постоечкото законско решение. По добивање на тие предлози изготвени се соодветни генерални решенија за надминување на постоечките проблеми и недостатоци, а подоцна и законско решение и околу 70% од правилниците кои произлегуваат од предлог законот. Сето тоа е кај вработените во Министерството за економија и труд. Доколку не можат да ги најдат можам да им ги дадам во електронска форма сите готови решенија, констатации од одржани средби, презентации…Останува само да се дадат на широки консултации.

Затоа е тоа „СЕПАК“. Ако секогаш почнуваме од почеток тогаш никогаш нема да завршиме, континуирано ќе тапкаме во место.Гледајки ги роковите на проектот постојат две можности: да се искористи постоечкиот материјал што не верувам или веќе се подготвува друга верзија на закон кој ќе биде аминуван многу лесно и без многу консултации.
Времето ќе покаже, ама ако тргнеме по народната дека денот по утрото се познава тогаш јасни се насоките во кои ќе се движиме. Ке видиме како ќе помине првата фаза на проектот, се надевам дека моето мислење е погрешно. Сепак во прашање се околу 2.880.000,00 евра и рок на реализација 3 години“ вели Стојчевски.

Сличен став со него дели и Невзат Умер, магистер по безбедност и здраве при работа, кој смета дека додека се кројат стратегии и се чекаат грантови, работниците на терен гинат.

„Го поздравувам проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ) со финансиска поддршка од Европската Унија. Ваквите иницијативи се неопходни за унапредување на условите на труд, заштита на работниците и намалување на повредите и професионалните заболувања. Особено е значајно што преку овој проект се предвидува зајакнување на законската рамка, модернизација на инспекцискиот систем и воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа — чекори кои, ако се спроведат доследно, можат да создадат вистинска култура на безбедност и одговорност.

Но, иако предложените активности и очекуваните резултати звучат амбициозно и современо, реалноста покажува дека слични стратегии во минатото често останувале само на хартија. Македонија веќе има усвоено неколку документи и акциски планови во оваа област, но нивната примена е минимална, а контролата речиси симболична. На хартија сè изгледа убаво, но на терен ситуацијата е сосема поинаква – ни гинат работници, имаме премногу повредени, а свесноста за безбедност на работа е на исклучително ниско ниво. Сè уште сведочиме на градежни објекти без основни мерки на заштита, фирми кои не спроведуваат задолжителни обуки и институции кои реагираат дури кога ќе се случи трагедија.

Создавањето нови стратегии и ИТ-системи ќе има вистинска смисла само ако институциите конечно обезбедат континуирана инспекциска контрола, транспарентни податоци и јасна одговорност за прекршувањата. Во спротивно, и овој проект може да се претвори во уште еден бирократски документ со убави формулации, но без реално влијание врз работниците кои секојдневно се соочуваат со небезбедни услови на работа. Посебно треба да се следи како ќе се распределуваат средствата за „мали грантови“ и обуки, бидејќи токму таму најчесто се појавуваат злоупотреби и нетранспарентност. Изјавата дека „безбедноста и здравјето при работа не се трошок, туку инвестиција“ е принципиелно точна, но останува прашање дали државата навистина е подготвена да инвестира – не само во стратегии и дигитални платформи, туку и во човечки капацитети, нови инспектори, опрема и континуирана едукација. Без тоа, ниту една стратегија нема да донесе поздрави и поодржливи работни места, туку само нова фасада за старите системски проблеми“ посочува Умер.

Можете да прочитате

Во октомври има раст на бројот на туристи во земјава

Нов инвестициски циклус во „Костал“ во 2026, ќе се инвестираат 30 милиони евра и ќе бидат отворени дополнителни 200 работни места

Мизо: Ако една или две компании планираат да ја напуштат Македонија, не значи дека другите нема да се развиваат или да дојдат нови