Утрински Весник
Економија

Македонско-швајцарски бизнис форум: Постојат можности за продлабочување на економските врски во производството, иновациите, услугите и технологијата

20251111103850 big 730x400 80.webp.webp

Постојат јасни можности за продлабочување на економските врски меѓу двете држави, во производството, иновациите, услугите и технологијата, истакна денеска Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија, во изјава за медиуми, пред почетокот на деловниот форум на тема „Поврзување на Швајцарија и Северна Македонија, што се одржува во Стопанската комора.

Амбасадорот рече дека Швајцарија и Северна Македонија имаат одлични односи изградени врз доверба, партнерство и заеднички вредности.


– Нашата соработка се протега низ многу области – од добро владеење, развој, до образование, иновации и силни меѓучовечки врски. Овие цврсти темели претставуваат одлична основа за понатамошно зајакнување и проширување на нашето партнерство. Во тој дух, односот на Швајцарија со Северна Македонија е нешто што високо го цениме – и нешто што носи уште поголем потенцијал. Нашата билатерална трговија и инвестиции постојано растат, но сè уште се под нивото што двете страни можат да го постигнат, истакна Зомер.

Посочи дека постојат јасни можности за продлабочување на економските врски меѓу двете држави, во производството, иновациите, услугите и технологијата.

– Зајакнувањето на овие сектори нема само да го подобри нашето економско партнерство, туку и ќе придонесе за одржлив раст и отворање работни места во двете земји. Сегашната глобална ситуација го прави ова вистинскиот момент за делување. Како што се менуваат синџирите на снабдување и компаниите бараат стабилни и доверливи партнери, нашите две земји нудат токму такви можности. Швајцарија е подготвена да ја поддржи оваа поблиска соработка – помагајќи да се претвори потенцијалот во конкретни партнерства, а на крајот и во просперитет за граѓаните на двете земји, нагласи амбасадорот.

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, во изјавата за медиуми, рече дека форумот се организира за продлабочување на понатамошната бизнис соработка помеѓу Швајцарската конфедерација и Република Северна Македонија и присутни се претставници на компании од двете земји, кои ќе имаат можност да разговараат околу соработката.

– Имаме од кого да учиме, имаме одлична соработка токму на тој план, едукацијата на нашите компании за вклучување во новите технолошки текови. Ќе настојуваме сега да ја вклучиме и македонската заедница што е присутна таму и преку нивни форми на организирање, да го подигнеме степенот на размена, што е на ниво од двеста милиони долари во моментов. Ќе се трудиме да го подигнеме нивото на извоз во таа земја, подвлече Азески. 

Како што беше кажано, настанот има за цел да поттикне деловна размена, инвестиции и развој на нови партнерства меѓу швајцарските и македонските компании, преку размена на искуства, идеи и визии за иднината на двете економии.

Во рамките на форумот ќе се дискутирало за пазарните изгледи и можности за влез на швајцарскиот пазар, правните аспекти и трговските спогодби меѓу двете држави, како и за потенцијалот за нови инвестиции, технолошка соработка и извозни иницијативи.

Настанот е заеднички организиран од Стопанската комора на Северна Македонија и Стопанската комора на Швајцарија и Средна Европа (СЕЦ), со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во Скопје.

Можете да прочитате

Во октомври има раст на бројот на туристи во земјава

Нов инвестициски циклус во „Костал“ во 2026, ќе се инвестираат 30 милиони евра и ќе бидат отворени дополнителни 200 работни места

Мизо: Ако една или две компании планираат да ја напуштат Македонија, не значи дека другите нема да се развиваат или да дојдат нови