Утрински Весник
Свет

Американскиот Сенат го одобри законот за финансирање, отворајќи го патот за завршување на блокадата на Владата

Senat.webp.webp

Американскиот Сенат доцна синоќа го одобри законот за финансирање за да се стави крај на најдолгата блокада на владата во историјата на САД, а актот сега треба да се најде и во Долниот дом на Конгресот, јави ДПА.

Шеесет сенатори гласаа за законот, додека 40 беа против. Со мерката американската Влада сега ќе се финансира до крајот на јануари.


Гласањето означува политички пробив по 41-дневниот застој, што остави стотици илјади федерални службеници без плати и ги наруши јавните услуги.

За новиот буџет да стапи на сила мора да биде одобрен од Претставничкиот дом. Републиканците под претседателот Доналд Трамп имаат тесно мнозинство во Долниот дом и досега само неколкумина неистомисленици јавно изјавија дека ќе гласаат против пакетот, пренесе германската агенција.

Доколку Претставничкиот дом ја даде својата поддршка, законот ќе оди кај Трамп за негов потпис, чекор што се смета за формалност.

Блокадата започна на 1 октомври, бидејќи републиканците и демократите не успеаја да се договорат за новиот федерален буџет. Без план за трошење одобрен од двата дома на Конгресот, нема прилив на пари во владините агенции.

Платите за федералните работници, војската и програмите за социјална помош се финансираат преку федералниот буџет.

Републиканците моментално имаат тесно мнозинство во Сенатот со 53 од 100-те места во овој дом на Конгресот. Меѓутоа, за поминување на буџетот беа потребни најмалку 60 гласови, потсетува ДПА.

Демократските сенатори со недели наназад одбиваа да го поддржат планот. Меѓутоа, во текот на викендот, неколку демократи го сменија својот став, отворајќи го патот за синоќешното гласање.

Можете да прочитате

Германија: Уапсен маж што повикувал на убиства на политичари преку „даркнет“

Индискиот премиер вети правда по експлозијата на автомобил во Њу Делхи

Руската ФСБ спречила украинско-британски заговор за кражба на „МиГ-31“