
Американската армија им препорача на своите припадници стационирани во Германија да побараат помош од германските народни кујни и институции што дистрибуираат храна на сиромашните поради неисплатени плати заради блокадата на буџетот, објавија денеска германските медиуми.
Администрацијата на американската армија стационирана на четири локации во Баварија им даде упатства на својата веб-страница на војниците за тоа како да се справат со неисплатени плати, чија исплата е блокирана поради спор во Конгресот околу буџетот. Меѓу другото, се споменуваат и германските добротворни организации како што е „Тафел“, што дистрибуираат храна на сиромашните граѓани во сите поголеми градови.
Во Баварија моментално се стационирани околу 37.000 американски војници. Исто така, се посочуваат апликации што можат да се користат за да се пронајдат информации за тоа каде да се купи храна што е пред со рок пред истекување.
Според германските медиуми, американскиот гарнизон Баварија во меѓувреме ги повлече овие упатства од својата веб-страница. Во изјава за дневниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, американската војска тврди дека упатството било наменето за цивилни вработени, од кои има околу 11.000 во Баварија.
Сепак, истиот весник тврди дека Германија интервенирала со заем од околу 43 милиони евра за плати на германските граѓани вработени во американската армија. САД влегуваат во 38-от ден од таканареченото затворање поради кое беше блокирана исплатата на плати на државните службеници.



