
Се наближуваат 48 часа од стартот на акцијата „72 часа чисто Скопје“, која ја започна новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со цел темелно чистење на главниот град.
Од првиот ден, на терен е забележана голема раздвиженост – багери, камиони и механизација работат во сите делови на градот. Се собира отпад, се мијат улиците, се расчистуваат јавните површини, а екипите работат и во ноќните часови.
Екипа на 24 Инфо денеска забележа багер како влегува во коритото на реката Вардар, каде што се изведува чистење на насобраниот отпад и нанос, со што се подобрува протокот на водата и изгледот на самата река.

Плоштадот, кејот, како и пешачките и велосипедските патеки се веќе исчистени и видливо уредени.
Сепак, дел од граѓаните остануваат скептични дали 72 часа се доволни за целосно да се исчисти Скопје, со оглед на тоа што со години наназад се создаваа големи количини отпад и запуштеност на јавните простори.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно изјави дека оваа акција е само прв чекор кон долгорочен план за чисто и уредено Скопје, и дека механизацијата и тимовите ќе продолжат да работат и по истекот на 72-часовниот рок.




