
Саем на студии во странство ќе се одржи денеска и утре во Скопје Сити Мол, посветен на студирањето и образовните можности во странство. Настанот е организиран од Скопје Сити Мол во соработка со платформата „Студентарија“ и има цел да им помогне на младите да ја пронајдат својата идна академска насока.
Организаторите во соопштението наведуваат дека по успешното издание на Саемот за образование во март, на кој учество зедоа повеќе од 40 македонски универзитети, академии и организации за млади, овој викенд следува настан наменет за сите средношколци и студенти кои сакаат да го продолжат своето образование во странство.
Посетителите ќе имаат можност да се запознаат директно со претставници на универзитети од Европа и од регионот, национални образовни агенции, како и амбасади, кои ќе ги претстават студиските програми и можностите за запишување на прв, втор и трет циклус на студии, а ќе понудат и информации за стипендии, условите за аплицирање и животот во различни држави.
На саемот ќе учествуваат: IU International University of Applied Sciences (најголемиот германски универзитет), иницијативата Study in Croatia, University of Dubrovnik, PAR University of Applied Sciences, University of Zagreb – Faculty of Electrical Engineering and Computing (Хрватска), Technical University of Sofia (Бугарија), Anatolia American University (Грција), како и претставници од Амбасадата на Република Туркије во Скопје и Амбасадата на Република Бугарија. Учество ќе земат и Центарот за странски јазици – Скопје, како и Младинскиот Сојуз Крушево, кој ќе ја претстави платформата DIGIPATH.
Покрај можноста за директни средби на штандовите, во кино-сала на Cineplexx ќе се одржат и презентации од универзитетите, каде посетителите ќе можат да дознаат повеќе за специјализирани програми, двојни дипломи и искуства на студенти што веќе студираат во странство.
Саемот на студии во странство ќе трае од 11 до 18 часот во сабота и недела. Настанот ќе се одржи на вториот кат во Скопје Сити Мол и е отворен и бесплатен за сите посетители.



