Утрински Весник
Македонија

Потврден притворот за Рустеми и Саити – обвинети за загрозување на животната средина со отпад

Krivcen Sud.jpg
Dik 300x250 mk

Скопското Обвинителство ги гони поранешниот в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми, и управителот за отпад во претпријатието, Аки Саити, за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад, според член 230 став 1 од Кривичниот законик, откако неодамна главниот град беше преплавен со смет.

Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ги одбил жалбите на нивните одбрани и ја потврдил мерката притвор за двајцата осомничени. Судот појаснува дека одлуката за притворот е донесена поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.

На 28 октомври, првостепениот суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и им одреди по 30 дена притвор на Рустеми и Саити, по што нивните адвокати поднесоа жалби, кои сега се одбиени. Одбраната има можност да поднесе нова жалба пред Апелацискиот суд.

Обвинителството отвори истрага против двајцата поради пропуштање на целосен надзор над собирањето и транспортирањето на отпадот, како и поради непрописно управување со комуналниот отпад, што довело до создавање мали депонии на јавни и сообраќајни површини низ Скопје.

„Со тоа, значително бил оштетен квалитетот на почвата, воздухот и водата, а била создадена опасност за животот и здравјето на луѓето од можни заразни или други болести“, соопшти Јавното обвинителство на 28 октомври.

Овие наоди биле утврдени при вонредни инспекциски надзори спроведени по наредба на Обвинителството, како и врз основа на експертско мислење од Институтот за јавно здравје.

По притворот, Рустеми си поднесе оставка од функцијата, а градоначалничката на Скопје во заминување, Данела Арсовска, за нов в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ го назначи Александар Јовановски од Секторот за инспекторат на Град Скопје.

Можете да прочитате

Зајкова бара итни законски измени: Животот на пациентите не смее да зависи од бирократија

Се бара притвор за разбојник од Маџари

Заменик министерот на МВР: Нула толеранција за говор на омраза кон Албанците