
Албанскиот Уставен суд му дава право на Ерион Велиај да продолжи со своите должности како градоначалник на Тирана и покрај фактот дека е во затвор повеќе месеци.
– По повеќечасовното заседавање судот, доцна попладнево, донесе одлука со 5 „за“ и три „против“ за поништување на одлуката на Владата за разрешување на градоначалникот на Тирана, Велиај, донесена по предлогот на Општинскиот совет на Тирана, објави Топ чанел.
Со оваа одлука, се поништува и уредбата на шефот на државата, Бајрам Бегај за одредување на датумот на избори за градоначалник на Тирана.
– Во текот на викендот, Уставниот суд бил ангажиран во разгледување на сè што било кажано на 7-часовната седница во петокот, каде што судот ги сослуша поранешниот градоначалник Велиај и страните во процесот, претставници на владата и на претседателот, објави euronews.al.
По оваа одлука останува да се види како владата ќе продолжи со управувањето со општина Тирана.
– Извори блиски на премиерот Еди Рама изјавија дека Ануела Ристани ќе остане на оваа функција, на која ја наименуван тој. Но, навестија дека премиерот може да ја назначи Огерта Манастирлиу со одлука на Општинскиот совет. Уставниот мандат на Ерион Велиај како градоначалник завршува во мај 2027 година, наведува Коха јон.
По налог на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), беше уапсен на 10 февруари годинава а два дена подоцна му беше одредена мерка притвор, која ја издржува во затворот во Драч.
Беше уапсен под обвинение за корупција и перење пари. Според СПАК во својство на градоначалник на Тирана, формирал криминална шема во соработка со неговата сопруга Ајола Џоџа, бизнисмени и непрофитни организации, поврзани со него, за да имаат корист од големи суми пари.
Велиај (46), на чело на албанскиот главен град беше трет мандат, а претходно и министер за социјална заштита. Барањата за изрекување поблага мерка до сега му се одбиени од неколку судски инстанци. Единствено му беше прифатено барањето да учествува во петокот на расправата на Уставниот суд.



