Утрински Весник
Економија

Во изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д во септември ангажирани 2277 лица

Koridorite.webp.webp

Конзорциумот „Бехтел“ и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар), (Гостивар-Букојчани) и (Прилеп-Битола) во септември годинава продолжил да извршува работи главно за геотехнички истражни работи, дизајн и спецификации на автопати, дизајн на експропријација, привремени работи за управување со сообраќајот, уривање и отстранување на постоечки објекти и други елементи на патот и градежни активности главно за земјени работи, дренажа и конструкции.

Извештајот од надзорот за прогрес на работите во септември, што Јавното претпријатие за државни патишта го објави денеска на својата веб-страница, покажува дека за предвидените активности на терен биле ангажирани 2277 лица и 1244 градежни машини.

Продолжиле работите за поставување столбови,темели, греди на мостови, надвозници и подвозници на делницата Тетово – Гостивар (18 километри), Гостивар – Букојчани (30 километри) и Прилеп – Битола (40 километри). Во тек се работи на шест мостови, седум надвозници и три подвозници.

До крајот на септември извршени се ископувања на 4,1 милион метри кубни земја и 1,0 милиони метри кубни материјал за пополнување.

Во септември немало исплати кон изведувачот, кому во август му беа префрлени 1.200.875.741 денари. Претходно имаше две исплати во април од 599.794.350 денари и од 524.972.228 денари и по една во мај од 681.026.665 денари во јуни од 830.336.364 денари и во јули 1.022.217.192 денари. Заклучно со минатата година, пак, беа исплатени 261 милион евра.

Договорот со „Бехтел и Енка“ е во вредност од 1,3 милијарди евра, а работи на терен се спроведуваат од 22 април 2023 година.

Можете да прочитате

Пад на светските цени на храната во јануари, глобалните резерви на жито растат

Вкупната трговска размена лани 19,5 милијарди евра – извозот зголемен за 2,9, а увозот за 4,4 отсто

Мнозинството синдикални организации во УПОЗ го прифаќаат договорот со Владата за зголемување на платите