
Поранешниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов се огласи на социјалните мрежи по завршувањето на вториот круг од локалните избори.
,,Да, СДСМ изгуби. Честитки за победата на ВМРО ДПМНЕ и секако за демократскиот капацитет на нацијата, секаде но особено во Кичево.
Драги мои, не се согласувам со тезата дека СДСМ е целосно згасната партија. Напротив, СДСМ може и мора да помине низ сериозен филтер, реформи и ребрендирање кои ќе му овозможат да остане втората најсилна партија во Македонија.
Нашиот фокус не треба и не може да биде исклучиво, брзо менување на власта. Нашиот фокус мора да биде зајакнување на улогата на СДСМ во рамките на опозицијата,СДСМ отворена за сите, СДСМ платформа во која ќе се најдат што поголем број на помали групи, па дури потоа да стреми кон нешто повеќе.
Време е за длабински анализи, тешки промени, тешки одлуки,дебати и многу, многу работа.
Честитам на сите кои учествуваа на овие избори. Честитам на победниците кои ќе бидат градоначалници, но и на сите кои се најдоа во советите на градовите” пишува Костадинов.



