Утрински Весник
Македонија

Нова поштенска марка ја одбележува улогата на жените во градењето мир, 25 години од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН

20251030122250 big 730x400 88.webp.webp
Dik 300x250 mk

По повод одбележувањето на 25-годишнината од историската Резолуција 1325 на Советот за безбедност на Обединетите нации за жените, мирот и безбедноста, Канцеларијата на UN Women во Македонија и Поштата на Македонија ја промовираат пригодната поштенска марка и поштенски жиг посветени на женското лидерство во градењето мир и безбедност, информираат од Канцеларијата на УНХЦР во Скопје.

Резолуцијата 1325, усвоена на 31 октомври 2000 година, велат оттаму, ја признава клучната улога на жените во спречувањето и решавањето конфликти, во мировните преговори, изградбата на мирот, мировните мисии, хуманитарните одговори и постконфликтната обнова.


-Пригодната поштенска марка и поштенски жиг се дело на Нита Хаџихамза Гаши, талентирана дизајнерка и феминистка позната по своето смело визуелно изразување. Дизајнот прикажува жена што стои исправено и непоколебливо, таа е симбол на отпорност и сила, додека пушта бел гулаб што слободно се издигнува кон небото. Гулабoт го претставува универзалниот повик за мир, кој одекнува со надежта што секоја жена и девојче ја носи во себе за побезбеден, поправеден и порамноправен свет. Колоритните сино-жолти нијанси и чистите линии на дизајнот ја доловуваат и нежноста и решителноста, ја претставуваат трајната сила на жените кои водат, штитат и градат заедници дури и во времиња на неизвесност, велат од УНХЦР.

Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women во Македонија. вели дека оваа пригодна марка е прекрасен потсетник за храброста, истрајноста и непоколебливата посветеност на жените за мирот и дека мирот не се создава само на преговарачките маси, туку и во домовите, заедниците и срцата каде што жените секојдневно стојат на првата линија.

– Таа испраќа силна порака за идните генерации дека траен мир и безбедност не може да се постигнат без еднакво учество, лидерство и глас на жените. Мирот е надеж и хармонија, и е повеќе од отсуство на конфликт. Мирот почнува со нас самите, вели Ивановиќ-Кастаред.

Иницијативата претставува партнерство меѓу UN Women и националните институции во унапредување на Агендата за жените, мирот и безбедноста. Во изминатите 25 години, оваа агенда стана темел на глобалните заложби за поголемо учество на жените во процесите на донесување одлуки во секторите за одбрана и безбедност.

-Поштенската марка е повеќе од симбол, таа патува, носи пораки, поврзува луѓе и раскажува приказни. Оваа поштенска марка ја раскажува приказната за жените кои градат мостови таму каде што некогаш постоеле ѕидови, за нивната сила што го одржува мирот, истакнува Димитар Димитровски, аналитичар за комуникации во UN Women Северна Македонија и додава дека „секое писмо што ќе ја носи оваа марка ќе понесе симбол и желба, мирот да стигне до секој дом и секое срце.“

Со оваа иницијатива, Македонија се приклучува кон глобалните заложби за оддавање признание на наследството на Резолуцијата 1325 и потврдување на посветеноста за зајакнување на жените како креаторки на мир и безбедност во своите заедници, но и во светот.

Пригодната поштенска марка и поштенскиот жиг се достапни преку Поштата на Македонија на 30 октомври 2025.

Можете да прочитате

ЗНМ: Осуда за заканите кон новинарот Исмаили

Приведен 49-годинишен тетовец по објавите со закани на социјалните мрежи

Левица: Орце бега од дебата без тутор и наместени прашања