Утрински Весник
Магазин

Нови соеви на Ковид се шират, како да знаете дека не е само настинка

Korona.jpeg
Dik 300x250 mk

Кашлицата и кивањето се неизбежни во ова време од годината, без разлика дали сте на работа, патувате или се одмарате дома. Новите варијанти на Ковид повторно се шират, а во морето од информации сè потешко е да се препознае дали болно грло или течење на носот значат Ковид или обична настинка.

Настинките, објаснува д-р Чун Танг од приватниот медицински центар „Пал Мал Медикал“ во Велика Британија, се предизвикани од различни вируси – најчесто риновирусот, кој ги зафаќа носот и грлото. Ковид, пак, е предизвикан од еден вирус, SARS-CoV-2, кој може да го зафати и респираторниот систем, но и белите дробови и други органи.


Меѓу новите соеви на коронавирусот доминираат варијантите Stratus (XFG) и Nimbus (NB.1.8.1). „Stratus е поврзан со засипнатост и замор, а Nimbus со чувство на гребење во грлото и дигестивни тегоби како гадење и надуеност“, објаснува д-р Бруно Силвестер Лопес, професор по микробиологија на Универзитетот Тиссајд. Иако двете варијанти се многу заразни, не се поопасни од претходните.

И Ковид и настинките се пренесуваат преку капки при кашлање, кивање или разговор, но Ковид може да се шири и преку ситни аеросоли кои остануваат во воздухот. „Настинката бара блиска интеракција за да се пренесе, додека Ковид може да се ‘прикрaде’ и од другата страна на просторијата“, предупредува Танг.

Симптомите често се преклопуваат – болно грло, течење или затнат нос, кивање и кашлање. Но, Ковид може да предизвика и треска, замор, болки во мускулите и губење на вкус или мирис. „Ковид повеќе ве исцрпува, додека настинката е поблага“, додава Танг.

Настинката обично трае една недела до 10 дена, а Ковид може да трае и до две недели, па дури и подолго кај некои лица. Дополнително, може да доведе до компликации како пневмонија или долгорочен Ковид.

Третманот за настинка вклучува одмор, течности и лекови без рецепт. За благи случаи на Ковид се препорачуваат слични мерки, но на ранливи групи може да им се препишат антивирусни лекови.

Лекарите советуваат тестирање за Ковид, особено ако имате контакт со ранливи лица или работите во здравствен сектор. Матичниот лекар треба да се посети ако имате висока температура што не се спушта, потешкотии со дишењето, болка во градите или симптоми што траат повеќе од две недели.

Превенцијата останува најважна: миење раце, проветрување на просториите, избегнување контакт со болни лица и останување дома при појава на симптоми.

„Вакцинирањето со најновите вакцини, добриот сон, здрава исхрана и физичката активност се најдобрите сојузници за силен имунитет“, заклучува д-р Танг.

Можете да прочитате

Нов ризичен сексуален тренд ги загрижува лекарите: Што е „омораши“ и зошто може да биде опасен?

Работник на крузер откри во која земја одбива да работи: „Културниот шок е преголем“

Драма во живо: Српската водителка Маша Зиповски се онесвести за време на пренос на Бинго