Утрински Весник
Македонија

М-НАВ ангажира адвокати по 12.000 денари на час или 9.600 евра само за 48 часа

Mnav 960x533 1.jpg
Dik 300x250 mk

Менаџерскиот тим на државната компанија „Македонска навигација“ (М-НАВ) плаќа адвокатско друштво за услуги по цена од 200 евра за час, без пресметан данок на додадена вредност (ДДВ), објави порталот САКАМДАКАЖАМ.МК.

Во договорот до кој дошол медиумот, склучен во декември минатата година, е наведено дека во рок од 48 часа на ангажираната адвокатска канцеларија ќе ѝ бидат исплатени 9.600 евра – износ означен како „првичен момент“ на соработката.


Во документот е прецизирано дека сите идни правни советувања кои не се опфатени во двете први фази ќе се наплаќаат по стандардна часовна стапка од 200 евра (12.000 денари) плус ДДВ. Првите две фази опфаќаат анализа на документацијата и изработка на правно мислење (24 часа – 4.800 евра) и дополнителни преговори и консултации (уште 24 часа – 4.800 евра).

Според договорот, ангажманот на адвокатското друштво е за правно застапување во арбитражна постапка пред меѓународна инстанца, а склучен е без јавен тендер, преку непосредна спогодба.

Редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК побарала одговор од директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, за тоа колку средства досега се исплатени на адвокатското друштво и колку часови правни услуги биле фактурирани, но одговор до објавувањето на текстот не бил добиен.

Покрај ова, М-НАВ посебно плаќа и адвокати во спорот со Синдикатот на контролори на летање, а неофицијално, во институцијата се ангажирани и други адвокатски друштва. Истовремено, во рамките на компанијата има значителен број вработени со правно образование, меѓу кои и советници, помошници и лица со слични функции – за кои, според извори, веќе „нема ни простории, ниту столчиња“ во службените простории на М-НАВ.

Можете да прочитате

(Видео) Не е само почвата – и Вардар е затрупан со ѓубре

ВМРО-ДПМНЕ врши притисоци и уцени, се пожали Филипче

Обвинителство со детали за апсењето на директорот на „Комунална хигиена“