
Тројца турски државјани се забарикадирале во казино во Подгорица, откако, според очевидци, група мештани се обиделе физички да се пресметаат со нив, јавуваат црногорските медиуми. Инцидентот следел по претепување и прободување на жител на Подгорица од група Турци, што предизвикало револт и немири во населбата Забјело.
Полицијата морала да интервенира за да ја растера толпата, а владата на Црна Гора најави дека денеска, по итна постапка, ќе го укине безвизниот режим за турските граѓани.
Според информациите, во населбата синоќа била воведена вонредна состојба, а полицијата спровела повеќе рации откако жителот М.Ј. бил нападнат и избоден. Револтирани мештани се собрале на улиците, извикувајќи навредливи пароли против Турците.
Репортер на Телевизија „Вијести“ објави дека тројца турски државјани се забарикадирале во казино, каде што се криеле додека полицијата не интервенирала. По нивното изнесување, двајца од нив биле приведени, а според неофицијални извори, еден е осомничен дека е вмешан во нападот врз Подгоричанецот. Во полициската акција биле приведени вкупно 45 лица.
Премиерот Милојко Спајиќ објави дека ќе се донесе одлука за привремено укинување на безвизниот режим за турските државјани, нагласувајќи дека мерката е дел од итен одговор на инцидентот.
„За да се зачува економската активност и добрите билатерални односи, во наредниот период ќе иницираме интензивни разговори со Република Турција со цел да се најде најдобриот модел во заеднички интерес, во духот на добрата соработка и сојузништвото“, напиша Спајиќ на платформата „X“.
Инцидентот предизвика реакции кај повеќе политички партии и невладини организации, кои предупредија дека ваквите настани можат да создадат опасен анимозитет кон турските државјани во Црна Гора.
Според официјалните податоци на полицијата, заклучно со 30 септември 2025 година, во Црна Гора има 13.308 турски државјани со привремен престој или дозвола за работа, а уште 87 имаат постојан престој. Бројот на Турци со времен престој за една година пораснал од 9.110 во 2024 на 13.308 во 2025.
Турските државјани, освен како туристи — кои учествуваат со речиси 4,9 % од вкупните ноќевања на странски гости — сè повеќе се присутни и како инвеститори и претприемачи. Во Црна Гора моментално функционираат околу 11.886 компании во сопственост на турски граѓани.




