
Основното јавно обвинителство Битола денеска поведе истрага и предложи мерка притвор за продолжено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, против 33-годишна битолчанка.
Таа во периодот од 3 март до 25 октомври годинава неовластено држела и продавала наркотична дрога марихуана.
Помали пакувања од дрогата, во неколку наврати оставала на надворешниот дел од ѕидна ограда од станбен објект, од каде ја подигнувале купувачи.
При претрес во домот на осомничената полицијата пронашла 13 зипер ќесички марихуана подготвени за натамошна неовластена продажба со вкупна маса од околу 20 грама, како и три дигитални ваги со траги од марихуана и кокаин.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничената поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризикот дека ќе го повторува делото.



