
Прилепското обвинителство побара притвор за шест лица и мерки претпазливост за 15-тина кои се приведени за случајот со Прилепската општа болница .
-Основното јавно обвинителство Прилеп до прилепскиот Суд за случајот со Општата болница во Прилеп поднесе предлози за притвор за шест лица, за 15-тина мерка за претпазливиост и за шест до седум правни лица (од Прилеп, Битола, Скопје) предлог за изрекување забрана за учество во постапки за јавни набавки, вели Јасмина Шишковска претседателка на Основен суд Прилеп.
Се очекува во Прилепскиот суд да бидат донесени приведените лица за случајот со финансиското работење на Прилепската болница.
Повеќе од 10 лица синоќа и утрово се приведени во прилепската полиција за случајот со Општата болница во Прилеп во која финансиската полиција вршеше контрола за работењето во оваа институција. Во текот на денов приведените треба да бидат спроведени во Судот во Прилеп.
Управата за финансиска полиција вчера постапи по наредби и насоки на Основното јавно обвинителство од Прилеп. Во текот на вчерашниот ден се презедоа дејствија во врска со постапка за наводи против повеќе лица за злоупотреби во работата на прилепската болница.
Според Основното јавно обвинителство, од април годинава, се постапуваше во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, а поврзано со финансиското работење на болницата. Дејства преземаше Управата за финансиска полиција и тогаш беше извршен претрес на осум локации во Прилеп.
Набрзо по стапувањето на функцијата, лани 2024 година, сегашниот директор на прилепската Општа болница „Борка Талески“, Кире Јоноски, во повеќе наврати на прес-конференција изјави дека биле забележани неправилности во финансиското работење на Болницата и дека болницата ја наследил со долг од речиси 193 милиони денари.