
Општина Аеродром како и речиси цело Скопје се гуши во смет, бидејќи повеќе од 10 дена контејнерите со ѓубре не се празнат, па граѓаните стравуваат за своето здравје.
Како што истакна Дејан Митески, градоначалникот на Аеродром и кандидат за нов мандат во општината, помош се бара од неколку други општини за собирање на сметот, па така денес во делови на населбата Ново Лисиче помина камион на ЈКП Сопиште кој испразни само неколку контејнери, додека останатите ги оставија повторно преполни со смет, а ѓубре има и надвор од нив.
Од Комунална хигиена пак денес изјавија дека нивните вработени не земаат редовно плата, но сепак излегуваат на терен и го чистат сметот онолку колку што можат, и притоа се пожалија дека возилата за чистење се во недоволен број, односно има недостаток на камиони за собирање на смет, а за поголем број од нив нема резервни делови и не се во возна состојба.