
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција соопшти дека СДСМ во првиот круг од локалните избори победила во три општини, има водство во девет и влегува во втор круг во околу дваесет општини.
„Најпрво, сакам да упатам честитки за добро организираниот изборен ден. Денот помина мирно. Имаме некои забелешки за изборниот процес кои ќе бидат доставени до ОБСЕ и Државната изборна комисија“, изјави Филипче.
Тој истакна дека СДСМ во првиот круг победила во Крива Паланка, Кривогаштани и Богданци, а води во Центар, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново, Валандово, Конче, Крушево, Лозово и Росоман, каде што ќе има втор круг.
Дополнително, според него, партијата е на второ место во неколку други општини, меѓу кои Неготино, Македонска Каменица, Ранковце, Дојран, Демир Капија и Зрновци, и очекува податоци од уште неколку места.
Филипче апелираше до граѓаните масовно да излезат на гласање во вториот круг, нагласувајќи дека е важно новоизбраните градоначалници да имаат силен легитимитет.
„Резултатот можеби не е тој којшто го посакувавме сите, но имајќи ги предвид околностите, не е лош. Во добар дел од општините имаме зголемување на бројот на гласови во споредба со лани, што е доказ за консолидацијата на партијата. Тоа е процес на кој ќе работиме интензивно во следниот период“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.