
Нискобуџетната холандско-француска авиокомпанија „Трансавиа“ ја укинува редовната авио-линија меѓу Скопје и Амстердам, само осум месеци по нејзиното воведување. Последниот лет е закажан за 26 октомври 2025 година, потврдија од компанијата.
„‘Трансавиа‘ нема да ја оперира линијата Скопје–Амстердам во претстојната летна сезона. Сепак, постојано ја разгледуваме нашата мрежа и ги оценуваме можностите врз основа на побарувачката и оперативните аспекти“, изјави портпаролот на авиокомпанијата, Ферле ван дер Бринк.
Линијата беше воведена на 2 март годинава, без користење на субвенции од македонскиот државен буџет. Со нејзиното укинување, Македонија повторно останува без директна врска со аеродромот „Схипхол“ во Амстердам, кој беше редовно поврзан со Скопје последен пат во 2008 година, пред престанокот на летовите на тогашната национална авиокомпанија МАТ.
Летовите на „Трансавиа“ се изведуваа двапати неделно – во четврток и недела, а интересот за оваа линија беше оценет како умерен, главно меѓу дијаспората и туристите.
И покрај повлекувањето на „Трансавиа“, Македонија и понатаму ќе биде поврзана со Холандија преку линијата Скопје–Ајднховен на авиокомпанијата „Визер“, која ќе продолжи да лета четири пати неделно и во зимската сезона.
Во текот на летната сезона, Амстердам беше поврзан и со Охрид, преку чартер-летови организирани од туроператорот „ТУИ“ за холандските туристи.
„Трансавиа“ е втората по големина нискобуџетна авиокомпанија во Холандија и функционира како подружница на групацијата „Ер Франс-КЛМ“.