
Министерството за култура и туризам најостро ги отфрла неточните и тенденциозни обвинувања изнесени во денешното соопштение на СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата на Владо Малески во Струга.
Сметаме дека овие обвинувања од СДСМ претставуваат исклучиво политичка злоупотреба на една чувствителна тема за дневно партиски цели и манипулација со јавноста.
Заради правилно информирање, потенцираме дека Решението за рушење на постојниот соседен објект и изградба на нов објект во сопственост на Зуди Каба од село Велешта, под број 08-738/2022 од 17.07.2023 година, е издадено во периодот кога институциите беа под раководство на СДСМ.
Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше.
За разлика од повеќегодишната негрижа, министерот Љутков се залага и е максимално посветен на системски пристап во заштитата, промоцијата и презентацијата на културното наследство.
Инаку веднаш по добиените информации во текот на вчерашниот ден увид изврши стручен тим од надлежниот Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид, а во моментов на терен е инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство која врши увид во состојбата со заштитениот објект, за што јавноста ќе биде благовремено информирана.
Министерството останува непоколебливо посветено на вистинската заштита и унапредување на културното наследство, кое претставува темел на македонскиот идентитет и потенцијал за развој на културата и туризмот.
Нашата заложба е јасна – културното наследство не смеат да бидат жртва на политички игри и дневнополитички интереси. Културното наследство му припаѓа на народот, затоа нема да дозволиме тие да бидат искористувани за партиски пресметки и деструктивни наративи кои создаваат недоверба и поделби.
И додека СДСМ рушеше објекти, јазикот, културата и идентитетот, ние градиме на дело: Универзална сала, Струмички театар, Театар Куманово, Кино Партизан….