
Магацините на „Славија“ во општина Кисела Вода можат да прераснат во уреден јавен и мултифункционален простор за алтернативната културна сцена, креативна индустрија и други функции наменети за младите и сите граѓани.

Да ги сочуваме и искористиме овие простори, како градителско наследство кое може да добие поинаква функција, а не да прераснат во колосални станбени објекти кои дополнително го загушуваат овој град, истакна проф. Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“.
Факт е дека на Скопје му недостасуваат простори за социјализација и дружба на младите, како и места за организирање на различни настани.
На денешната прес конференција се обрати и Јана Белчева Андреевска, носителка на листата за советници во град Скопје на „Независни заедно“:
Наместо само да се руши и одново да се гради, добро е да ги следиме и принципите на циркуларната економија и примерите на европските метрополи, да реставриваме објекти од ваков тип, да им дадеме живот и да добијат нова вредност во новото време кое го живееме, истакна Белчева Андреевска.
Кандидатите ги повикаа граѓаните да гласаат за вистински промени, број 128 за градоначалник на Скопје и број 35 за листата советници за Град Скопје.