
Претставата „Франкенштајн” на Театарот за деца и младинци – Скопје, во режија на Кокан Младеновиќ, ја освои наградата на публиката на 65. издание на Интернационалниот театарски фестивал МЕСС во Сараево, Босна и Херцеговина.
Наградата претставува уште едно признание за оваа современа и ангажирана продукција, која беше изведена на 8 октомври во Позориште младих Сарајево, во рамките на програмата „Мали МЕСС”, специјално креирана за тинејџерската публика.
Со ова признание, „Франкенштајн” го потврдува својот успех и надвор од границите на земјата, освојувајќи ја наклонетоста на публиката со својата искрена, визуелно моќна и емоционално продорна интерпретација на класичната приказна на Мери Шели.
Во претставата настапуваат Ангела Димитрова, Матеа Јанковска, Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Никола Наковски, Наташа Петровиќ и Симона Спировска од ансамблот на театарот, а текстот е колективно создаден од Кокан Младеновиќ, Драгана Лукан Николоски, Димитрије Коканов и актерската екипа.
Креативниот тим зад претставата ги обединува Димитрије Коканов и Драгана Лукан Николоски како драматурзи, Кирил Василев како сценограф, Александра Пециќ Младеновиќ како костимограф, Лука Кантарџиев како композитор, а Никола Ристески заедно со актерската екипа се потпишуваат како автори на текстовите за музиката. За кореографијата беше задолжена Олга Панго, Соња Ставрова Кирковски и Марија Мишева се авторки на фотографијата и графичкиот дизајн на плакатот и брошурата, додека Емил Петро е автор на видеоматеријалот.
Ова е второ значајно признание за претставата – по Наградата за современа сценска драматизација и адаптација што ансамблот ја доби на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински” во Прилеп (2024).
Со овој успех во Сараево, Театарот за деца и младинци – Скопје уште еднаш ја зацврстува својата позиција како водечка институција која создава современ, ангажиран и инспиративен театар за младата публика во земјата.