
„Денес сите можеме да ја почувствуваме енергијата на промена”, изјави Марјан Димитриев, кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од Левица на средбата со граѓани на која присуствуваа и Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. „Луѓето се охрабрија и јасно кажуваат дека вака не може повеќе. Доста беше лаги, доста беше корупција, доста беше истите луѓе да се кријат зад празни ветувања и да мислат дека можат да не купат со лажни насмевки и чистење само пред избори”.
Димитриев во своето обраќање остро ја критикуваше состојбата во општината, нагласувајќи дека „Аеродром никогаш не била понечиста општина”. Според него, службите што треба да го одржуваат јавниот ред и хигиена не функционираат, а целиот систем се свел на „испумпување пари од буџетот на општината кон приватни фирми за чистење кои не се ни појавуваат на терен”.
„Во последниот мандат потрошени се над три милиони евра за чистење, а општината никогаш не била понечиста,” истакна тој, најавувајќи целосна реорганизација на јавното комунално претпријатие. „Нема повеќе да има тендери за приватни фирми за чистење. Парите ќе се инвестираат таму каде што треба во нова механизација, повеќе вработени и силна општинска служба што ќе ја врши работата навремено и чесно”.
Како втор приоритет, Димитриев го посочи решавањето на загадувањето кое, како што рече, со години го гуши Аеродром. „За да го решиме овој проблем, најпрво мора да адресираме чија е одговорноста за оваа состојба денес”, потенцираше кандидатот. „Овде, пред сè, мислам на одговорни лица во Општината Гази Баба и Град Скопје за случајот со Вардариште, како и на одговорни лица за случајот со Усје. Ќе бидат покренати кривични постапки за овие лица за непостапување по службена должност”.
Во делот на капиталните проекти, Димитриев најави изградба на Аеродромска чаршија – место за занаетчии, мали бизниси, култура и дружење, изградба на Технолошки парк кој ќе биде двигател на иновациите и новите технологии и ќе отвори современи работни места за младите, како и изградба на Дом на културата во Аеродром, каде што граѓаните ќе можат да гледаат театарски претстави, концерти и изложби што ќе го збогатат културниот живот во општината.
На крајот од своето обраќање, Димитриев упати јасна порака до граѓаните:
„Време е за промени! Аеродромци, доаѓа наше време – време за вистинска промена”.