Утрински Весник
Македонија
300x250 opst2

Левица ја води правната битка против АВМУ: „Сите се прогласуваат за ненадлежни, но правдата ќе ја бараме во Стразбур“

Levica.webp.webp
300x250 opst2

Опозициската партија Левица отвори повеќе правни фронтови против Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), откако со донесеното упатство партијата беше единствено исклучена од можноста за платено политичко рекламирање на претстојните локални избори, иако има шест пратеници во актуелниот состав на Собранието.

Од Левица обвинуваат дека институциите ја игнорираат неправдата и избегнуваат одговорност, бидејќи ниту една од нив досега не се изјаснила како надлежна да го поништи спорното упатство.


Единствено Уставниот суд закажа седница на 15 октомври, само два дена пред завршувањето на изборната кампања и непосредно пред изборниот молк, што, според Левица, го прави целиот процес бесмислен и задоцнет.

Партијата, покрај оспорувањето на упатството, поднесе и иницијатива за оценување на уставноста на членовите од Изборниот законик на кои се повикува АВМУ, со образложение дека токму тие членови овозможиле политичка нерамноправност.

„Еве, да не речат нашите истакнати правници од Уставниот суд дека упатството е согласно законот, ние го оспоривме и законот!“, напиша лидерот на партијата, Димитар Апасиев.

Од Левица тврдат дека Уставниот суд можел веднаш по службена должност да одлучи по нивната иницијатива, но тоа не го сторил, а претседателот на Собранието Африм Гаши сè уште не одговорил дали ќе свика итна пленарна седница за усвојување на измените на Изборниот законик.

Со предлог-измените, Левица бара на сите парламентарни партии да им се овозможи еднаков пристап до медиумско претставување во изборниот период, со цел да се обезбедат фер и демократски избори и да се почитува уставната вредност на политичкиот плурализам.
Клучната промена се однесува на замената на зборовите двете најголеми партии со трите најголеми партии, со што би се вклучила и Левица во распределбата на дозволеното медиумско време.

Покрај иницијативите до Уставниот суд, Левица поднесе и:

две претставки до Граѓанскиот суд,

претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација,

иницијатива за групна политичка дискриминација на 978 нивни кандидати низ државата.

Партијата бара Комисијата за дискриминација да се вмеша како пријател на судот во спорот и да се произнесе по основ на политичка нееднаквост.

„Со ова ги исцрпуваме сите домашни правни средства и инструменти кои ни стојат на располагање. Следуваат кривични пријави против членовите на Советот на АВМУ, вештачење за финансиска штета и апликација до Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, стои во соопштението на партијата.

И покрај големиот број поднесени иницијативи, Апасиев предвидува дека оваа битка ќе заврши како историска неправда, бидејќи, како што вели, сите институции ќе се прогласат за ненадлежни.

Според него, Уставниот суд можел веднаш да постапи, а Граѓанскиот суд бил должен во рок од три дена да се изјасни, но наместо тоа, се повикал на ненадлежност.

На крајот, Апасиев оцени дека ваквиот потег на Агенцијата не е случаен, туку директен политички сигнал од премиерот Христијан Мицкоски, преку неговиот подлизурко директор Зоран Трајчевски.

Левица останува оштетена за целата изборна кампања, но најавува дека правдата ќе ја бара на меѓународно ниво.

Информациите се преземени од „Слободен печат“.

Можете да прочитате

ЈО: Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово

Доделлени финансиски средства на националните паркови „Шар Планина” и „Пелистер”

Коалицијата ВЛЕН најостро осудува насилство во Куманово