Утрински Весник
Македонија
300x250 opst2

Барање до МОН и УЈП за разграничување на поимот „приход“ од „прилив“ при примената на мерката субвенциониран студентски оброк

Obrok.webp.webp
300x250 opst2

Националното студентско тело информира дека денеска официјално го испрати до Министерството за образование и наука и Управата за јавни приходи Барањето за разграничување на поимот „приход“ од „прилив“ при примената на мерката за субвенциониран студентски оброк.

– Со ова барање се укажува на потребата институциите да направат јасна разлика меѓу реален приход и прилив на средства на студентските сметки со цел да се спречи неправедното одбивање на студенти од користење на оваа мерка, стои во соопштението од Националното студентско тело.


Оттаму наведуваат дека согласно член 9, став 1 од Законот за субвенциониран студентски оброк („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 31/20, 150/21, 251/22, 91/23, 30/24 и 74/25), корисници на правото на субвенциониран студентски оброк се редовни студенти запишани на прв циклус, односно втор циклус на студии, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во Републиката, државјани на Република Северна Македонија и кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.

– Во пракса, при обработка на пријавите за користење на оваа мерка, се појавува проблем во толкувањето и примената на поимот „приход“, бидејќи институциите користат податоци за „приливи“ на средствата на трансакциските сметки на студентите, без да се направи јасно разграничување меѓу овие два поими. Како резултат на тоа, одреден број студенти се одбиваат од користење на оваа мерка затоа што имале приливи (на пример, семејни парични трансфери, уплати за кирија, студентски надоместоци или други нефискални средства), кои не претставуваат реален приход во смисла на остварен приход по основ на работа, договор или деловна активност, се вели во барањето.

Националното студентско тело во барањето наведува примери од праксата и се осврнува на правната и фискалната аргументација. 

– Националното студентско тело бара од Управата за јавни приходи (УЈП) при доставување на податоци до Министерството за образование и наука да врши разграничување на приходите од приливите, односно: да ги евидентира и испраќа само оние средства кои се остварени под шифри на доход што претставуваат реален приход, како што се: плата, хонорар, самостојна дејност и други облици на остварен приход, а не и податоци за приливи по други основи, кои претставуваат нефискални трансакции или парични трансфери меѓу физички лица, се наведува во барањето. 

Во поднесеното барање апелираат Министерството за образование и наука (МОН) при обработка на пријавите за субвенциониран студентски оброк да ја зема предвид оваа разлика и да ја усогласи методологијата за проверка на примањата со реалната дефиниција на поимот „приход“ од Законот.

– Ова барање има за цел да обезбеди еднаква и правична примена на Законот, со што нема да се дискриминираат студенти кои не остваруваат реален приход, туку добиваат семејна или нефискална финансиска поддршка, се вели во соопштението од Националното студентско тело.

Можете да прочитате

Апасиев: Заедно до победа – борбата продолжува

Квалификуваното мнозинство за технички прашања во преговорите ќе спречи натамошни билатерални блокади

Филипче: Очајни се нападите од Мицкоски, човекот нема ни резултати ни капацитет да ја води државата