
На денешниот народен митинг во Брвеница во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што потенцираше дека е убеден дека граѓаните во голем број ќе ја дадат довербата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и ќе гласаат за бројот 9 за да продолжи Македонија да се развива и гради.
Мицкоски истакна дека на овие избори постојат две коалиции, едната СДС-ДУИ и Левица а другата опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Овие избори, се избори на коишто има две опции, едната опција е коалиција којашто е формирана на непринципиелен начин, коалиција којашто се обедини затоа што е гладна за власт едните за прв пат а другите да го повторат тоа што го правеа 7 години. Втората причина зошто тие се обединија е неподносливиот пандемиски гнев кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата којашто ја сочинуваат СДС, ДУИ и Левица. Тоа е коалицијата којашто ја формираа Венко Филипче Али Ахмети и Димитар Апасиев. Тоа е таа неформална коалиција. Тоа е коалицијата којашто живее од Македонија. И втората опција е коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ“ кажа Мицкоски.
Мицкоски потенцира дека првата коалиција е враќање назад и уназадување на Македонија а втората опција е ВМРО-ДПМНЕ за напредок и развој на државата.
„Ова се двете коалиција кои на овие избори имаат сосема различни концепти. Првата коалиција е коалиција којашто не враќа назад како оние 7 години кога се ограбуваше Македонија, кога се распродаваше македонскиот идентитет и кога се распродаваа Македонија, и втората опција е ВМРО-ДПМНЕ, за напредок и развој.
Мицкоски истакна дека политичката партија Левица кoja е во коалиција со СДС и ДУИ не извади кандидати од каде што доаѓаат нивните пратеници и претседател на партијата но затоа пак имаат кандидати во Струга, Тетово и Гостивар.
„Не извадија кандидати ниту во Штип од каде што доаѓа втората фигура во раководството на таа партија, но затоа извадија во Тетово, Гостивар и во Струга. Зошто? Само поради една причина, да можат да направат дисипација, раслојување на анти ДУИ гласовите. Тоа нема да им помине, народот не им верува“ истакна Мицкоски.