
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, вечерва на граѓанската трибина во Охрид, истакна дека СДСМ е државотворна партија со обврска пред предците да ја одбрани Македонија и да ја врати довербата на граѓаните.
„За помалку од една година, актуелната власт донесе несигурност и страв кај граѓаните за тоа каде се движи нашата земја. Должни сме како СДСМ да истапиме, да ги збиеме редовите и да излеземе сите силно обединети на овие избори. Ова е наша должност, затоа што СДСМ е партијата која ги постави темелите на државата“, порача д-р Филипче.
Тој нагласи дека мора социјалдемократите да се изборат за домот и дека борбата почнува од секое маало, од секоја улица и куќа.
„Наша обврска е да ја вратиме надежта дека оваа власт не може да прави што сака. Да дигнеме глас дека нема да молчиме пред неправдите, ароганцијата и игнорирањето на потребите на луѓето. Не смееме да дозволиме државата да стане алатка за лични интереси“, додаде лидерот на СДСМ.
Филипче ја критикуваше ВМРО-ДПМНЕ како неспособна и без капацитет да решава проблеми, потенцирајќи дека „докажаа дека знаат само да се одмаздуваат, да владеат со терор и да шиканираат“.
„АСНОМ не ја создаде оваа држава за некој да ја приватизира за свои интереси. Да ги руши стратешките позиции и цели кои ги зацртавме и кои се во интерес за сите граѓани. Ако сега не излеземе да се бориме, на секој ќе му биде тешко”, рече д-р Филипче.
Тој повика на мобилизација и единство во вербата за подобра Македонија, бидејќи како што рече д-р Филипче ова не е промената што ја очекуваа граѓаните.
„Наша задача да им ја вратиме вербата дека сме тука за нив. СДСМ е единствената реална опозиција и нашиот дом како социјалдемократи. Потребна ни е верба дека можеме да се избориме за подобра Македонија“, истакна д-р Филипче.
Лидерот на СДСМ упати порака до сите што веруваат во идеологијата на СДСМ да се вклучат и застанат рамо до рамо за да ја заштитат иднината на државата. „Поделбите во опозицијата се во интерес на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Силно верувам дека граѓаните гледаат и сфаќаат дека само единствена, организирана СДСМ може да ги одбрани нивните права и иднината на Македонија“, порача од Охрид претседателот на СДСМ, д-р Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом”.