
Соопштение на Левица:
Кандидатката за градоначалничка на Тетово, Катка Божиновска, на денешнарта средба со граѓани во Тетово, порача дека нејзиното вклучување во политиката произлегува од потребата да се спротивстави на состојбата во градот.
„Јас се вклучив во оваа борба бидејќи не можев молчеливо да стојам и да гледам како Тетово се празни, како младите заминуваат, а градот се уништува, угушен од корупција,” изјави Божиновска.
Во нејзината програма централно место заземаат активностите за уредување на урбаните средини, намалување на ефектите од аерозагадувањето, унапредување на комуналната инфраструктура и мерки за помош на младите при вдомување.
На настанот во Тетово присуствуваше и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој, според Божиновска, „покажа дека политиката може да се води на поинаков, чесен и транспарентен начин”.
„Со тоа покажуваме дека за нашето вреди да се бориме. Ќе се бориме за правда во наше Тетово,” нагласи Божиновска.
Боби Илиевски: Левица има програма со решенија на проблемите со кои се соочува Тетово
Носителот на советничката листа на Левица во Тетово, Боби Илиевски на денешнарта средба со граѓани во Тетово, на која присуствуваше и лидерот на Левица, Димитар Апасиев ја претстави изборната програма. Тој истакна дека програмата е изработена врз основа на директни средби со граѓаните, на кои се разговарало за нивните вистински потреби. Врз основа на тие средби, стручниот тим на партијата подготвил и соодветни решенија.
„Двигател на нашата борба е поддршката од граѓаните,” нагласи кандидатот, додавајќи дека Левица-Тетово останува доследна на своите заложби и ќе се фокусира на транспарентност во работењето.
Главните приоритети во програмата се намалување на ефектите од аерозагадувањето, надминување на хроничниот проблем со недостиг на питка вода, како и справување со урбанистичкиот хаос кој со години го оптоварува градот.
Кандидатот Илиевски, како член на советничката листа, потенцира дека Левица-Тетово ќе работи со единствена цел – подобрување на условите за живот на сите жители на Тетово.