
Филмот е скапа уметничка форма и бара големи вложувања, но е важно да се инвестира во уметноста и во младите сили, вели во интервју за МИА, композиторот Кирил Џајковски, годинешен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што се доделува на ИФФК „Браќа Манаки“ и која како што изјави, за него е награда што ќе има посебно место не само на неговите витрини, туку и во неговото срце.
-Во однос на соработката, за да имаме успешен резултат, мора да постои синергија меѓу режисерот и композиторот. Композиторот ја следи визијата на режисерот и она што режисерот како порака го испраќа со тој филм, но слободата и довербата се исто така многу важни за да има креативен процес од двете страни. Сум работел и со македонски и со странски режисери, но македонските филмови се нешто во што особено уживам. Освен Манчевски и Поповски кои веќе ги споменав, ќе ги споменам и Иво Трајков и Дарко Митревски како режисери кои ми дале неограничена слобода и доверба и со чии филмови се гордеам. Ме прашувате и за роковите. Филмовите се многу комплексен процес, не знам дали тоа гледачот може да го забележи кога го гледа готовиот производ, но постои плејада на луѓе кои мора да ја завршат својата работа успешно, квалитетно и во рок за да целиот тој систем функционира. Така рокови постоеле и за мене, но тоа не ми е голем проблем, бидејќи под притисок сум најкреативен, открива Џајковски за соработката со режисерите.