
Унијата на млади претприемачи на Македонија – Phoenix Rising организира регионален настан за поврзување на млади претприемачи од земјава и регионот. Сите заинтересирани лица можат да го пријават своето учество за настанот на info@ump.mk .
На 4-ти октомври (сабота), во Скопје, во ресторанот „Воденица Мулино“ ќе се одржи третото издание на регионалниот настан за млади претприемачи “Your Network is Your Net Worth” во организација на Унијата на млади претприемачи на Македонија – Phoenix Rising.
Станува збор за настан кој обединува голем број на млади претприемачи од Македонија, како и од земјите од регионот (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и др.), финансиран од RECONOMY. Младите имаат можност за вмрежување, размена на информации и искуства, но и да научат многу практични работи, да учествуваат во интерактивни работилници и игри кои имаат за цел да го подобрат нивниот перформанс во бизнисот. Претприемачите остваруваат и директни контакти со инвеститори, медиумски работници, консултанти и предавачи од земјава и регионот.
Оваа година “Your Network is Your Net Worth” е поделен во повеќе делови и присутните ќе имаат можност да учествуваат во различни сесии и да слушнат млади, но веќе докажани и искусни сопственици на бизниси. Тие ќе ја споделат својата приказна за почетокот на бизнисот, развојот, но и секојдневните прилагодувања на новото време и општествено – политичкиот контекст во кој работат и делуваат.
Ивона Трајановска е претседателка на Унијата на млади претприемачи и таа во својата изјава за најава на претстојниот настан посочува:
- „Факт е дека живееме во едно прилично динамично време, каде што промените веќе се случуваат во секој час, во секој момент… Уште кога ја формиравме Унијата на млади претприемачи – Phoenix Rising (февруари 2023) сакавме да создадеме една платформа, организација која ќе биде поддршка на домашните млади претприемачи, сопственици на бизниси. Почнавме да организираме различни настани, работилници, да се поврзуваме со наши врсници и идејни истомисленици од регионот и Европа. Денеска имаме 107 членови и повеќе од 180 реализирани соработки. Можеби не сме доволно присутни во јавноста и не сите знаат за организацијата, но сме секогаш тука за нашите членки, да ги поддржиме, да ги обучиме, да им дадеме совет и едукација кога станува збор за водење на бизнис. На 04.10.2025 (сабота) ќе се случи еден настан, кој мене ми е посебно драг, затоа што покажавме дека Македонија може да пренесува знаење и нашите претприемачи да бидат рамо до рамо со регионот и Европа. Ни фалат повеќе успешни приказни, а Унијата на млади претприемачи и нејзините членки се токму тоа – успешна приказна во постојан подем, која треба дополнително да биде препознаена од државата и сите други засегнати страни“ – истакнува Трајановска.
Сите заинтересирани лица за овој настан можат да го пријават своето учество на info@ump.mk, по што ќе ја добијат целосната програма за третото издание на “Your Network is Your Net Worth”.
Повеќе информации можете да добиете и на Instagram профилот на Унијата на млади претприемачи, на веб – страницата www.ump.mk или на 072 220 092.
RECONOMY е инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation во партнерство со Help-Hilfe zur Selbsthilfe и други во Источното партнерство и земјите од Западен Балкан.