
Министерството за здравство, преку објава на ФБ го промовираше приказот на идниот Меморијален центар во Тетово во спомен за загинатите во пожарот во модуларната болница во Тетово.
По пожарот во модуларната болница во Тетово, кој однесе 14 животи, истрагата сѐ уште нема разрешница. Во трагедијата загинаа 12 хоспитализирани пациенти и двајца нивни роднини. Пожарот ја уништи болницата за помалку од три минути.
Модуларната болница во Тетово беше една од 29-те изградени за справување со големиот број заболени од Ковид-19.
„Го претставуваме анимираниот приказ на идниот Меморијален парк во Тетово, изграден во знак на трајно сеќавање и почит кон загинатите во пожарот во модуларната болница. Концептот предвидува свиени и пристапни патеки во духот на „прекината рамка“, тивки меморијални зони, дрвореди со автохтони видови и дискретно осветлување, со минималистичка урбана опрема која го почитува мирот на просторот“, стои во објавата на Министерството за здравство.