
Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски
Билал Касами одамна престана да биде политичар со визија. Од човек кој се појави на политичката сцена со антикорупциска платформа, денес го гледаме како политички актер кој ја злоупотребува Македонија, државата во која живее, во која граѓаните му ги плаќаат привилегиите и во која тој ја користи својата позиција за етнополитички поени. Тој денес функционира како политичар без визија, кој со националистички изјави ја поларизира јавноста и ја користи својата функција за собирање краткорочни политички придобивки.
Зарем ова е политичка агенда?
„Тетово е албански град“
Со оваа изјава, Касами директно го доведува во прашање мултиетничкиот карактер на Тетово. Според последните пописи, во градот живеат и Македонци, Турци, Роми, Срби, Власи и други заедници. Негирањето на нивното присуство создава чувство на исклученост и поттикнува меѓуетничка недоверба, што е спротивно на Уставот кој гарантира рамноправност на сите граѓани. Тетово е град на сите негови граѓани, а не етничка сопственост.
„Тетово и Призрен биле ист град, ама Господ ги разделил со Шар Планина“
Со оваа изјава, Касами се обидува да внесе митологија во политиката и да наметне теза поврзана со концептот на „Голема Албанија“. Градоначалник кој зборува за „божја географија“, наместо за решавање на канализацијата, управувањето со отпадот и урбанизмот во својот град, само покажува дека нема конкретна развојна визија (народски кажано ,,промашен случај’’).
„Добродојдовте во албанскиот главен град во Македонија“
Со овие зборови ја дочека претседателката на Косово, Вјолцса Османи. Тој не зборуваше како градоначалник на Тетово, туку како политички подреденик (вазал) на Приштина. Симболичниот чин на предавање „клуч од градот“ може да се толкува како политичка потчинетост кон Приштина, што е спротивно на должноста на секој избран функционер да ја застапува сопствената држава.
„После Косово, зошто да не и Македонија да биде албанска држава“
Оваа изјава претставува највисок степен на политичка неодговорност. Јавно, од говорница во Тетово, Касами порача дека Македонија може да стане втора албанска држава. Тој не ја согледува Македонија како заедничка држава во која Албанците рамноправно живеат со Македонците, Турците, Власите, Србите и сите други заедници, туку како простор за етно-национален проект.
Оваа изјава е најсериозниот сигнал дека Касами ја надмина границата на политичка провокација. Јавното повикување на трансформација на Македонија во „албанска држава“ може да се квалификува како: загрозување на независноста (чл. 308); загрозување на уставниот поредок и безбедноста (чл. 313); предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост (чл. 319) и др.
На потег е Јавното обвинителство, кое досега требаше да има веќе поднесено обвинение, наместо и понатаму да биде пасивен набљудувач на случувањата.
Билал Касами ја претвори партијата Беса во прибежиште за фракционери и политички маргинализирани актери. Затоа денес се појавува како политички фигурант кој, заедно со Курти и со косовските знамиња на тетовските улици, се надева дека ќе остане релевантен. Но реалноста е поинаква. Касами не е лидер, туку политичар кој ја користи Македонија како сцена за лични амбиции. Во земја што му даде образование, кариера, функција и државна плата, тој возвраќа со потценување и провокативни изјави. Затоа, ако нешто останува запишано за Касами, тоа не се успеси, туку неговите изјави кои ќе се паметат како пример за националистичка злоупотреба.
Органите на државата не смеат да покажуваат слабост, да толерираат, а најмалку да се плашат да се соочат со ваков вид национализам, особено кога доаѓа од политичари кои се нсители на јавна функција. На тој начин се праќа погрешна порака: дека некој може без последици да ја понижува, омаловажува и дели државата во која живее и од која има корист. Државата не смее да остане нем набљудувач. Јавното обвинителство има уставна и законска обврска да го санкционира Касами за сите изјави со кои евентуално сторил кривични дела против државата. И затоа сакам да ги потсетам на неколку уставни одредби:
Член 1 – Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.
Член 3 – Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива.
Границата може да се менува само во согласност со Уставот.
Член 51 став 2 – Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Билал Касами е избран на таа функција за да бара решавање на реалните проблеми на граѓаните и да го подобри квалитетот на живеење во градот Тетово. Негова обврска е да обезбеди здрава животна средина, незагаден воздух, да го реши сообраќајниот хаос, да ја подобри сообраќајната и друга комунална инфраструктура, да се грижи за одржување на јавната хигиена и чистота, да промовира соживот итн., а не да го користи Тетово како сцена за националистички настапи. Неговите изјави не се само политичка реторика бидејќи тие претставуваат пораки со потенцијал да предизвикаат сериозни последици врз меѓуетничките односи, уставниот поредок и територијалниот интегритет.