
Амбасадорот на Европската Унија во земјава Михалис Рокас, вечер во Дајмонд Мол Скопје ќе ја отвори изложбата „ЦЕРН и универзумот: Науката што нè поврзува“.
Ова, како што информираат од Делегацијата на Европската унија, е водечки настан во одбележувањето на Ноќта на европски истражувачи 2025 година, најголемиот настан за наука во Европа кој ги доближува истражувањата и истражувачите до јавноста.
Оваа година се одбележува 20-годишнината од Ноќта на европски истражувачи, што го прави изданието од 2025 година пресвртница за промовирање на науката како заедничка европска вредност.
На настанот, покрај амбасадорот Рокас, ќе се обратат и д-р Тадеуш Куртика од ЦЕРН Женева, проф. д-р Мимоза Ристова од Институт за физика при ПМФ Скопје и Јан Стојановски, меѓународно наградуван студент по физика и математика.
Изложбата „ЦЕРН и Универзумот: Науката што нè поврзува“ е поставена од Јуроп Хаус за да ги запознае посетителите со тајните на универзумот, физиката на честички и европската научна соработка. Посетителите ќе можат виртуелно да прошетаат низ акцелераторот на ЦЕРН и да погледнат интерактивни инсталации. Изложбата е отворена за целата јавност и ќе остане поставена во Дајмонд Мол Скопје до 15 октомври 2025 година.
Надвор од Скопје, Ноќта на европските истражувачи ќе се одбележи и низ остатокот од мрежата на Јуроп Хаус. Овие активности се прилагодени за локалните заедници кои опфаќаат куполи за виртуелна реалност, STEM експерименти и лабораториски анализи до лов на научно богатство. Покрај тоа, на младите од Кочани ќе им биде понудена посета со водич на изложбата на ЦЕРН во Скопјe.