Утрински Весник
Македонија

Осум сомнителни кардиолошки случаи готови за експертиза, уште пет нови сомнителни операции на срце се пристигнати

4998f9b7 2737 25f0 da81 208e8fa327f5.jpg

Домашната комисија што ја формираше Министерството за здравство за испитување на сомнителните кардиолошки интервенции добила уште пет нови предмети, кои ќе бидат разгледани во вторник. Станува збор за наводи дека во приватни здравствени установи биле изведувани операции на срце без медицинска оправданост, по што државата исплаќала средства преку Фондот за здравствено осигурување.

Директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, д-р Дејан Димитриевски, денеска соопшти дека анализите за првите осум случаи се веќе завршени од страна на интерната комисија.


– Се работи за пациенти кај кои е направена коронарографија пред и по операцијата, при што се забележани одредени неправилности – изјави Димитриевски.

За резултатите, јавноста ќе биде информирана дури откако ќе пристигне странската комисија составена од експерти од Словенија, Италија и Австрија, која ќе даде конечна оценка. Според министерот за здравство Азир Алиу, нивното ангажирање ќе се формализира по локалните избори, кога ќе бидат потпишани договорите.

– Нашата комисија вчера заврши со осумте случаи. Имаме уште пет нови и ќе продолжиме со работа во вторник. Надворешната комисија ќе дојде кога и ние ќе бидеме спремни, а договорите со нив ќе бидат потпишани по изборите – изјави Алиу.

Тој додаде дека не сака да дава делумни информации пред да заврши целата експертиза, но очекува дека ќе пристигнат и дополнителни предмети од институции и граѓани.

Прашањето за сомнителните интервенции повторно го актуелизира академикот и кардиохирург д-р Сашко Кедев, кој во јавноста изнесе информации дека одредени приватни клиники правеле операции без медицинска причина.

– Кога еден светски стручњак тоа го кажува, тука мора да има заднина и мора да ја откриеме таа заднина. Нема да оставиме ништо на случајноста. Секој којшто се богател на грбот на граѓаните, посебно во здравството и здравјето на луѓето, ќе има одговорност – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Покрај интерната комисија во Министерството за здравство, во процесот ќе бидат вклучени и Лекарската комора, која ќе врши проверки на досиејата на пациентите, а врз основа на нивните наоди ќе следуваат и препораките на странските експерти.

Главните прашања на кои треба да се одговори се дали на пациентите им е нанесена штета по здравјето, но и дали бил нанесен удар врз буџетот на Фондот за здравствено осигурување.

Можете да прочитате

ЛАДЕН БРАН НА БАЛКАНОТ: Ни доаѓа првиот снег за оваа сезона!

Мицкоски: Без гаранции не ми паѓа на памет да размислувам за уставни измени, прифаќам само македонски црвени линии

Скринингот кој го побара СДСМ покажа дека граѓаните се труеле, кој ќе поднесе одговорност прашуваат од СДСМ