
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека нема да се остави ништо на случајноста и дека секој којшто се богател на сметка на здравјето на граѓаните ќе понесе одговорност.
Изјавата тој ја даде по посетата на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, одговарајќи на новинарски прашања во врска со информациите што ги изнесе академикот и кардиохирург д-р Сашко Кедев. Кедев претходно посочи дека во дел од приватните болници во земјава биле правени кардиохируршки интервенции без медицинска потреба.
„Кога еден светски стручњак тоа го кажува, тука мора да има заднина и мора да ја откриеме таа заднина“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека сите индиции ќе бидат проверени.
Во врска со комисиите што ги формира Министерството за здравство за испитување на наводите на д-р Кедев, премиерот истакна дека тие работат на осум сомнителни случаи на кардиолошки интервенции, но оти постапките продолжуваат.
Министерот за здравство Азир Алиу, кој заедно со премиерот беше на Клиниката, пред два дена изјави дека нема да има делумни информации за наодите на комисиите, туку јавноста ќе добие конечен извештај по завршувањето на експертизата. Тој информира дека досега се разгледани осум случаи, а во Фондот за здравство пристигнале уште пет нови.
Алиу очекува дополнителни случаи да бидат доставени и од институции и од граѓани. Според него, покрај интерната комисија, во проверките ќе биде вклучена и Лекарската комора, а врз основа на нивните извештаи препораки ќе даде и комисија од странски експерти.
Клучната дилема што ја отвораат комисиите и стручната јавност е дали ваквите интервенции предизвикале штета по здравјето на пациентите и дали е нанесена штета на буџетот на Фондот за здравствено осигурување.