Утрински Весник
Свет

Трамп издаде наредба за продажба на TikTok

Tramp epa.jpg

Американскиот претседател Доналд Трамп, издаде извршна наредба за планот за откуп на американските операции на ТикТок од страна на американски и светски инвеститори, во согласност со законодавството од 2024 година, според кое апликацијата ќе биде забранета доколку нејзините кинески газди не ја продадат.

Во согласност со наредбата, ТикТок ќе биде во мнозинска сопственост и под контрола на американски компании.


Белата куќа објави дека спогодбата подразбира ригорозен надзор на надополнувањата на софтверот, алгоритмите и трансферот на податоци.

Кинеската фирма ByteDance и нејзините придружни компании ќе поседуваат помалку од 20 проценти од новата заедничка фирма, со која ќе раководи нов управен одбор, во согласност со прописите кои „соодветно ги штитат информациите на Американците и националната безбедност“, се вели во наредбата.

Потпретседателот Џеј Ди Венс изјави дека новото американско друштво ќе биде проценето на околу 14 милијарди долари.

– „Имаше одреден отпор од кинеска страна, но основната работа што сакавме да ја постигнеме е да обезбедиме ТикТок да продолжи да работи, но исто така и да ја заштитиме приватноста на податоците на Американците, како што наложува законот“, рече Венс.

Трамп соопшти дека за сè разговарал со кинескиот претседател Си, кој ги одобрил американските напори.

Тој додаде дека Мајкл Дел, Руперт Мардок и веројатно уште четворица или петмина светски познати инвеститори ќе бидат дел од договорот за купување на американскиот бизнис на апликацијата за кратки видеа.

Трамп претходно ја одложи имплементацијата на законот до 16 декември, во обид американската имотна структура на ТикТок да се одвои од светската платформа, да се привлечат американски и странски инвеститори и да се добие дозвола од кинеската влада.

Американскиот претседател верува дека ТикТок му помогнал повторно да биде избран минатата година, а таму има 15 милиони следбеници.

Можете да прочитате

УЕФА идната недела ќе донесе конечна одлука за евентуална суспензија на Израел

Од 1 октомври нови царини во САД – таргетирани лекови, камиони и мебел

Лавров: НАТО и Европската Унија се во војна со Русија