Утрински Весник
Македонија

Македонските професори, научници и истражувачи ќе имаат бесплатен пристап до платформата Web of science

20250925134526 big 730x400 23.webp.webp

Министерството за образование и наука денеска ја промовираше соработката со Clarivate – Web of science со која се овозможува бесплатно користење на научните бази на оваа платформа до која слободен пристап ќе имаат професори, научници, истражувачи од јавните универзитети во државава и од МАНУ.

Претставници на Clarivate во Скопје ги претставија можностите на платформата Web of science пред членови на македонската академска и научна заедница, откако Владата на седница оваа пролет ја донесе одлуката за соработка и слободен пристап.


Министерството за образование и наука во јули го склучи договорот за пристап до Web of science со сопственикот на базата – Clarivate. Претставникот на оваа компанија, Радек Бучиковски, со негов тим на денешната конференција им објасни на претставници од нашата академска заедница како полесно да ја користат базата и кои ќе бидат бенефитите.

-Clarivate е многу горда на оваа нова соработка со Северна Македонија и навистина ја цениме довербата што ја имате во нас. Ние имаме над шест години искуство работејќи со влади, универзитети и академски заедници во многу земји низ светот. Веруваме дека тоа искуство ќе и помогне на Северна Македонија за унапредување на истражувањата и иновациите, изјави Бучиковски.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека со користење на оваа база, научниците, професорите и истражувачите ќе имаат достап до 26 000 списанија и 182 милиони записи во таа база.

-Тоа е важно бидејќи на нашите научници ќе им ја олесни нивната работа, ќе им даде пристап до најновите достигнувања и, она што е во моментов актуелно во светот, ќе им олесни да ги креираат своите трудови, своите проекти. Оваа соработка ќе придоенесе за поголема видливост на нашата научно-истражувачка работа во светот и соработка со видни универзитети. Но, основно е она што ние го имаме за цел – еден од нашите универзитети да го ставиме меѓу првите илјада на Шангајската листа, а за да се позиционира таму потребно е годишно да објавуваат 1200 трудови во списанија со импакт-фактор. За жал, кај нас тоа објавување е на ниско ниво. Очекувам соработката со Web of science да го поткрене нивото – и на квалитетот на трудовите, но и на квантитетот и брзината со која ние ќе можеме да ги исполнуваме условите, изјави Јаневска.

Посочи дека ќе бидат потребни и измени на законите за високо образование и за научно-истражувачка работа во кои, рече, „критериумите за избор ќе бидат малку построги“.

-Односно, државата ќе побара од научниците, професорите, истражувачите, кои сега имаат услови, да и возвратат на државата со тоа што ќе истражуваат и ќе пишуваат, и да поткренеме барем еден од нашите универзитети погоре на таа листа, рече Јаневска.

Министерката додаде дека Владата продолжува да инвестира во науката со тоа што годинава е издвоен буџет од 680 милиони денари од кои, рече, 370 милиони денари се веќе распределени.

-Финансираме објавување на трудови, објавување трудови во списанија со импакт-фактор, учество на наши научници и истражувачи на меѓународни конференции, објавуваме повици за научно-истражувачки проекти, финансираме и поддржуваме меѓународни проекти. Тоа е важно за да го направиме нашето општество попродуктивно, поиновативно и попросперитетно во иднина. Со овој пристап, де факто нашите научници можат да придонесат за развој на општеството, нагласи Јаневска.

Можете да прочитате

Левица со Претставка против Упатството на АВМУ, повикува да се корегира текстот

„Ниту една повеќе“ повторно на протест пред Собранието

Мицкоски: После локалните избори ќе предложиме резолуција која ќе ги штити македонските национални интереси