Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Дел судии и обвинители не ја заслужуваат ниту оваа плата, ќе ги зголемиме платите во судско-обвинителската служба

Sud.webp.webp

Шесте закони за Судски совет, за Совет за јавни обвинители, за обвинители, за судии и за службите ќе бидат донесени до крајот на декември согласно Планот за раст, но процентот на зголемување на буџетот за правосудството ќе биде направен согласно компаративна анализа која сега се изготвува, а како пример се земаат пет земји – членки на ЕУ, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.    

Според премиерот, на цела македонска јавност и стана јасно дека сега не станува збор за суштински реформи во судството и обвинителството, туку дека зборуваме за зголемување на буџетите со цел зголемување на платите.


-Тоа е реформата и добро е што сега македонската јавност може да суди. Не зборувам за сите, ќе повторам еве нека ми простат има и такви кои си ја вршат својата работа согласно закон и Устав, но има мал дел кои го загрозуваат овој процес и има и обвинители и судии кои не ја заслужуваат ниту оваа плата која ја земаат. Понатаму дали ние ќе одвоиме двапати повеќе од некои многу поразвиени земји членки во ЕУ, еве оставам јавноста и граѓаните да судат за платите на обвинителите и судиите. Тоа е суштината, рече премиерот.  

Најави цел серијал како суделе поедини судии и како обвинувале поедини обвинители за јавноста да суди „дали тие заслужуваат да кодошат по Брисел или каде одат дека Владата не им ги зголемува платите“.

-Еве, јавноста нека им суди и тие луѓе во Брисел нека судат дали овие луѓе што се генератори на корупцијата во државата наместо да се борат против корупцијата ја заслужуваат оваа плата. Ние како Влада еве 15 месеци откако сме избрани нема ниту еден скандал коруптивен, криминален, тоа е владеење на право. Општините четири години каде што има градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден коруптивен скандал, рече Мицкоски. 

Барањата за буџетот се 1,3 проценти од БДП. – Еве кое што проектираме некаде таму 2028, при крајот на мандатот на оваа Влада, номинален да биде некаде околку 20 милијарди долари, тоа значи 260 милиони долари треба да имаат буџет. Јавноста нека суди, ние нема да зборуваме, рече Мицкоски. 

Тој, како што кажа, не очекува од тие кои ги поставувале овие обвинители и судии да имаат поинаков став од тој кој што го имаат – заштитнички.

-Кој ги брани обвинителите и судиите, повторно ќе кажам се оградувам, не мислам на сите, мислам на мал број – тоа се најчесто оние политичари кои доаѓаат од Бихачка или од Мала Речица бидејќи тие се нивниот последен бастион за одбрана од криминалот и корупцијата во минатото затоа што се свесни и исплашени затоа што оној шверцерски закон којшто го протнаа со европско знаме во Парламентот не е доволен да се спасат и дека има и други одредби коишто го препознаваат нивниот криминал и за којшто тие треба да дадат отчет, рече Мицкоски додавајќи дека со овие неколкумина судии и обвинители правдата, вели, е невозможна.

После локалните избори, како што кажа, ќе ги пронајдат сите правни механизми без разлика какви и да се критиките, за да имаме обвинители кои обвинуваат и судии кои судат според закон и Устав.

Мицкоски рече дека ќе се зголемат платите на вработените согласно двата закони за обвинителска и судска служба и оти тоа воопшто не е проблем посочувајќи дека разликата во плати меѓу службите и асистентите и обвинителите и судиите е 5 до 7 пати. 

-Никој не е против измените во законот за обвинителска и судска служба. Тоа се два закони, каде што за администрацијата, за вработените во судовите и во обвинителствата ќе ги зголемиме платите и тоа ќе го направиме. Тоа е дел од преговорите што ги водиме со синдикатите и ние сме подготвени тоа да го направиме и тука никој нема против и тоа ќе го направиме затоа што дискрепанцата е 5 до 7 спрема еден меѓу нивните асистенти и помошници и самите судии и обвинители, рече претседателот на Владата.

Премиерот Мицкоски потврди дека ќе има вработувања во јавнообвинителската и судската служба.

-Да, прво треба оние поранешни рецидиви да се исчистат. Сега за жал, не можеме, во избори сме, но веднаш потоа планираме, и тоа е делот од Планот за раст, и планираме да го исполниме, рече Мицкоски, кој беше во посета на скопски Хром.

Можете да прочитате

Кос: Очекуваме уставни измени во Северна Македонија

23. Меѓународна младинска конференција во Крушево

Сиљановска-Давкова на самитот „Конкордија”: Крајно време е да се направат промени во ЕУ за начинот на одлучување