
Фондацијата Гејтс ќе одвои 912 милиони американски долари за Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, изјави Бил Гејтс, апелирајќи до владите да го спречат глобалното опаѓање на финансирањето на здравствената заштита.
На настанот Ројтерс Њузмејкер (Reuters Newsmaker) во Њујорк, Гејтс потенцираше дека светот се наоѓа на пресвртница и предупреди дека милиони деца би можеле да го загубат животот доколку ресурсите бидат премногу скратени.
Донацијата од Фондацијата Гејтс е идентична со онаа во 2022 година, кога Глобалниот фонд, независна организација со седиште во Женева, последен пат собираше средства во рамките на тригодишниот буџетски циклус.
Оваа година следи по значителни намалувања на државната помош, предводени од Соединетите Американски Држави. Според Институтот за здравствени метрики и евалуација (IHME), глобалната развојна помош се намалила за 21 процент помеѓу 2024 и 2025 година, достигнувајќи го најниското ниво во изминатите 15 години.
Гејтс предупреди дека тоа би можело да го загрози прогресот што од 2000 година ја преполови смртноста на децата и спасува околу пет милиони животи годишно. Тој додаде: “Светот е на крстопат. Ако ги намалиме средствата, милиони деца ќе умрат.”
Фондацијата Гејтс, основана во 2000 година, е еден од најголемите светски финансиери на глобалната здравствена заштита, со акцент на спречување на смртноста на мајките и децата, справување со заразни болести и намалување на сиромаштијата.