
Пералната на Клиничкиот центар веќе три дена не функционира, а вработените со месеци не добиле плата. Здравствените установи се снаоѓаат за чиста постелнина како знаат и умеат – дел од чаршафите се перат на други клиники, како Инфективна или Онкологија, но вработените реагираат дека тоа не е трајно решение, објави 4NEWS.mk
Објектот кој треба да обезбеди хигиена и заштита од интрахоспитални инфекции е во критична состојба и без минимални стандарди. Тоа го потврдил и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој утврдил дека пералната не ги исполнува санитарно-техничките услови.
„Потребно е целосно реновирање на просторот и опремата. Се работи со застарени машини кои постојано се расипуваат“, изјавил Кирил Лазов, директор на Инспекторатот.
Фирмата што ја менаџира пералната очекувала јавно-приватно партнерство, а за неисплатените плати посочува дека не добила средства. Од Заеднички служби велат дека е исплатен најголемиот дел од долгот кон фирмата.
„Од 31 декември до денеска сме исплатиле 80 до 90 проценти од долгот, што е доволно за да им бидат исплатени платите на вработените“, изјави Башким Бакиу, директор на Заеднички служби.
И Министерството за здравство најави дека проблемот ќе биде тема на владина седница.
„Дефинитивно со пералната имаме сериозен проблем. Ја менаџира фирмата ‘Скопстерс’, но е јасно дека тоа не функционира. Затоа ќе предложиме објектот повторно да премине во владение на државата, за да можеме ние да го менаџираме“, изјави министерот за здравство Азир Алиу.
Алиу и Бакиу имале состанок со директорите на клиниките, кои веќе се соочуваат со сериозен проблем да обезбедат чисти чаршафи. Притоа, останува отворено и прашањето за специјалните услови за перење на постелнина од собите за изолација.