
Демократската партија на Турците на 21 септември 2025 во Хотел „Хилтон“ – Скопје организираше настан на кој беа промовирани кандидатите за градоначалници и советници за локалните избори кои ќе се одржат во октомври 2025, се наведува во соопштението од Демократската партија на Турците.
На настанот на кој учествуваше високото раководство на партијата, голем број на членови и симпатизери, како и Заменик шефот на мисија и главен секретар при Амбасада на Република Турција во Скопје, Акин Кајалар, беа претставени кандидатите за градоначалници: Елсан Нурчески – кандидат за градоначалник на Општина Пласница, Фикрим Усинов – кандидат за градоначалник на Општина Конче, како и Аријан Ибрахим – кандидат за градоначалник на Општина Центар Жупа, кој впрочем е и актуелен градоначалник на Центар Жупа од редовите на Демократската партија на Турците и кој благодарение на огромната благонаклонетост на месните жители повторно се кандидира за нареден мандат.
На настанот исто така беа претставени и носителите на советнички листи од сите локални единици каде живее турската заедница. Демократската партија на Турците на локалните избори 2025 настапува со советнички листи во вкупно 24 општини, и тоа Бутел, Чаир, Долнени, Гостивар, Штип, Тетово, Кичево, Конче, Велес, Лозово, Маврово и Ростуше, Центар Жупа, Неготино, Охрид, Пласница, Радовиш, Ресен, Струга, Студеничани, Теарце, Струмица, Валандово, Василево и Врапчиште.
Претседателот на Демократската партија на Турците Зулфиќар Зејнула на пригодното обраќање на настанот потенцирајќи го фактот дека Демократската партија на турците за прв пат во историјата на наредните локални избори ќе настапи независно со свои кандидати за градоначалници и советници, истакна дека оваа историска одлука ја донеле согласно волјата на турската заедница во Македонија за соодветно претставување во политичката сцена на земјава. Претседателот Зејнула рече дека целат да бидат моќниот глас на турската заедница во земјава преку своите советници во општините, додека кандидираните градоначалници, ќе претставуваат пример за добро владеење на локално ниво. „Посветената и пожртвувана работа на актуелниот наш градоначалник Аријан Ибрахим во Центар Жупа најдобро ја отсликува нашата визија како од аспект на менаџирање на општината, така и во претставување на волјата на турската заедница“ рече Зејнула, кој му се заблагодари на Ибрахим за досегашната работа.
Претседателот Зејнула истакна дека турската заедница во Македонија заслужува да биде подобро претставена од политички аспект, како и да ги ужива уставно загарантираните права, да го негува својот идентитет, да ги негува и развие своите културни елементи и да биде поправедно претставена во локалната власт.
Зејнула, за одлуката на партијата да настапи самостојно на следните избори рече дека оваа одлука не се однесува само на денешницата, туку дека ќе ги постави и контурите на идните политики на Демократската партија на Турците. Зејнула на крајот на своето обраќање упати апел за единство и масовна поддршка на кандидатите на Демократската партија на Турците на локалните избори кои ќе се одржат на 19 октомври 2025.