
Во врска со тврдењата за наводна „селективна транспарентност“ на Владата, сакаме јавно и јасно да истакнеме: фактите и независните мерења говорат спротивното. Според најновото истражување за активна транспарентност, спроведено од независна невладина организација, Владата бележи огромен скок од 7 места за само една година – од 10-то место во 2024 на 3-то место оваа година, со вкупно 95% исполнетост. Тоа не е случајност, туку резултат на континуирани политики и системски пристап во објавувањето на сите информации од јавен карактер, стои во соопштението на Владата.
Овој резултат претставува најсилен демант на тврдењата дека Владата нешто крие напротив, ова е објективна потврда дека транспарентноста се унапредува и станува сè подлабоко вградено начело во работењето на институциите. Дополнително, одговорно посочуваме дека Владата нема неодговорено прашање, ниту намерно задоцнување во одговорите до медиумите и јавноста. Нашиот став е принципиелен, секоја информација која е од јавен интерес мора да биде достапна навреме и во целост.
Сите медиуми можат да потврдат дека Владата е експедитивна и ефективна во односот со јавноста, нешто што многупати е констатирано и признато од нивна страна. Во однос ма „Стратегијата за транспарентност“, сакаме уште еднаш да потсетиме дека тоа е документ оставен од претходната власт, кој содржеше мерки од формален карактер (како обуки за вработени). За нас, транспарентноста не е само форма, туку суштина. Не е само исполнување на минимален список на документи, туку создавање на култура на отчетност, отвореност и јавна достапност. Затоа секој наратив кој се обидува да ја сведе транспарентноста на формални рамки, кога ќе се соочи со аргументите и резултатите, ја губи тежината. Како Влада работиме и на нови документи, вклучувајќи и нова стратегија која ќе ја покаже нашата искрена намера. Како Влада сме свесни дека демократската легитимност бара целосна отвореност. Владата ја добива својата моќ од граѓаните и затоа мора да работи со постојана јавна контрола. Нашата цел не е само да исполниме индикатори, туку да обезбедиме граѓаните и медиумите навреме да ги добиваат клучните информации кои им се потребни за информирано учество и надзор врз институциите.
Јавноста заслужува целосна и суштинска транспарентност, а Владата тоа секојдневно го демонстрира преку факти и резултати: скок од 7 места во активната транспарентност за само една година, максимална експедитивност кон медиумите, и постојано објавување на информации од јавен интерес. Нашата транспарентност е наш темел на довербата меѓу државата и граѓаните, и гаранција дека демократските институции функционираат во интерес на јавноста, се наведува во владиното соопштение.