
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска најави нов сет законски мерки кои, како што истакна, треба да резултираат со департизација, едукација и рационализација на вработените во јавниот сектор, како дел од реформите што ги бара Европската Унија.
„Освен департизација, во следниот период почнуваме и нов процес со пакет три нови закони – за висока раководна служба, за плати и за организација и работа на органите на државната управа“, изјави Минчев на заедничката прес-конференција со амбасадорот на Франција во земјава, Кристоф Ле Риголер, по потпишувањето на Меморандум за соработка за јакнење на капацитетите и професионализација на јавната администрација.
Министерот истакна дека партизацијата, пријателските и роднинските вработувања во изминатите 30 години ја направиле администрацијата нефункционална, гломазна, бавна и неефикасна.
„Имаме добра можност да почнеме со минимално кратење на т.н. управни и надзорни одбори или со усогласување на бројот на членови на тие одбори. Секако, ќе следи и спојување на одредени институции со други, со што ќе влеземе во процес кој ни е обврска од ЕУ – 40 отсто кратење на буџетските корисници“, рече Минчев.
Тој додаде дека голем број институции имаат по еден или двајца вработени или се формирани за политички или партиски цели. Сето тоа ќе се разгледува внимателно и низ јавна расправа ќе се обидат да најдат најдобро решение за вклучување на овие институции во рамките на другите, со цел јавната администрација да стане помала и поефикасна.
Претходно, министерот рече дека досега е донесен пакет од четири закони, кои ги смета за чекор напред кон реформите на администрацијата, вклучувајќи едукација на новите вработени и континуитет на знаењето на останатите, со цел подобри услуги за граѓаните.
Францускиот амбасадор, Кристоф Ле Риголер, коментирајќи ги критиките на опозицијата за реформите, рече дека овие процеси треба да се сфатат како позитивни за граѓаните, а не само како обврска од Европската Унија.