Утрински Весник
Македонија

Мицкоски го правда Фетаи: Уште го учи македонскиот јазик оти се иселил на шест години

Fetai.png

Потпретседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, течно зборува четири странски јазици, а македонскиот сѐ уште го учи оти се иселил од државата на шест години. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го оправда Фетаи, кој во вторникот на новинарско прашање поставено на македонски јазик одговори на албански и рече дека „уште не е спремен на македонски“.

„Јас имам исклучително квалитетна комуникација со потпретседателот на Владата на англиски јазик. Зошто? Затоа што тој од својата шеста година е иселен од Македонија и живее во Белгија и говори течно четири јазици – француски, холандски, англиски и така натаму, да не ги редам сега. Нашата комуникација се одвива на англиски јазик. Тој има исклучително квалитетна биографија зад себе. Школуван е на врвни универзитети. Знам дека не му е таа намерата, како што се обидуваат одредени центри поради политичка злоупотреба, да ја дефокусираат јавноста, бидејќи се обидува, се труди да го учи и зборува македонскиот јазик и знам колку енергија вложува во тоа изминатите 15 месеци“, рече премиерот Мицкоски.


Тој денес им се извини на новинарите за постапката на Фетаи и рече дека вицепремиерот згрешил, но не во почитувањето на македонскиот јазик, туку во ангажирањето преведувач.

„Единствената, според мене, грешка во случајот е ако некој одлучи да се обраќа на албански јазик, да си донесе со себе преведувач. Јас во мое име им се извинувам на новинарите и убеден сум, бидејќи веќе разговараме со потпретседателот, дека тој истото тоа ќе го стори и таа грешка нема да случи во иднина“, објасни премиерот Мицкоски.

Тој воопшто не спомена можност за разрешување на Фетаи како што веднаш јавно побара опозицискиот СДСМ поради непочитувањето на македонскиот јазик.

Можете да прочитате

Редици на Табановце: Чекање над 30 минути за излез од Македонија

Проф. д-р Ѓорѓев: Отровите од чадот од Дрисла предизвикуваат анемија, белодробни и срцеви болести

Комплетно реконструирани седум оперативни сали во ГОБ „8 Септември“ – првата операција до крајот на годинава